На стартот од атлетските натпревари беа доделени медалите во фрлање ѓуле и на трката на 10.000 метри во женска конкуренција, а и двата златни медали си ги одбранија шампионите од Олимписките игри во Пекинг пред четири години.
Томаш Мајевски од Полска го освои златото во фрлање ѓуле со 21,89 метри, а Тирунеш Дибаба од Етиопија си ја одбрани титулата на 10 километри со време 30:20.75 минути.
Најтрофејниот олимпиец Мајкл Фелпс си го збогати своето конто со уште еден златен медал или сега вкупно 21 медали од Олимписките игри. Тој триумфираше на трката на 100 метри пеперутка со време 51:21 секунда, а Чад Ле Кло од Јужна Африкаи Евгениј Коротишкин од Русија финишираа со исто време и го поделија сребрениот медал.
Девојчињињата повторно импресионираа во базените. 17-годишната Миси Френклин го освои четвртиот медал, односно третото злато на Олимписките игри, а овој пат успеа и да го сруши светскиот рекорд на 200 метри грбно со време 2:04.06 минути. Нова „тинејџ-атракција" е и Кејти Ледецки која со само 15 години успеа да го освои златото на 800 метри слободно.
Уште едно изненадување приреди и Французинот Флоран Манаду кој победи на најбрзата пливачка делница во базените. Тој победи на трката на 50 метри слободно со време 21.34 секунди, а зад него ги остави Кулен Џонс и светскиот рекордер Цезар Сиело.
На седмиот натпреварувачки ден беа срушени уште два светски рекорди. Белорусинот Сергеј Мартинов погоди 705,5 кругови во финалето од дисциплината малокалибарска пушка во лежечки став, а Британскиот велосипедски тим го освои златото со ново најдобро време на светот кое сега изнесува 3:51.659 минути.