Многу луѓе имаат страв од височина, односно со стручен термин, патат од акрофобија и тоа не е ретка појава. Но сигурно не би можеле да претпоставите дека од една ваква фобија пати и олимпискиот шампион во ски скокови.
Пред неколку денови Андреас Ванк беш дел од германската репрезентација во ски скокови заедно со Маринус Краус, Андреас Велингер и Северин Фројнд. Тие го освоија златото во екипни ски скокови и покрај тоа што Ванк има страв од висина.
Скокалницата во Сочи на која скокаше Ванк е висока 99,3 метри, но тоа не му пречи. Проблем му е само да се искачи на скокалницата, а за надоле нема гајле.
„Имам страв од висина уште од детство. Но немам проблеми додека се спуштам мирно и сè е во ред кога летам. Проблем имам само кога треба да се качам на скокалницата. Не одам до работ затоа што не можам да гледам надоле. Ако погледам надоле ќе ми се сврти во глава", изјави Ванк.
Чуден е и случајот на канадскиот фристајл скијач Ноа Боуман кој до неодамна бил алергичен на ладно.
Првите симптоми ги забележал на 17 години кога рацете му отекувале кога ќе држел нешто ладно, а еднаш дури и повремено ослепел и имал проблеми со дишење кога скокнал во ладно езеро.
Заради алергиските реакции тој не бил во можност да тренира нормално, но со огромна желба и многу труд тој успеал да ги надмине проблемите и да се пласира на Зимските олимписки игри во Сочи каде заврши на 5-та позиција.