Девојкава крева тегови, но не со раце, туку со уши, очи и коса и без разлика што многу ја боли таа си трпи за да стане најдобра во оваа нова дисциплина за која наместо медал, ќе добие место во Гинисовата книга на рекорди.
Аша Рани освои два светски рекорди. Во првиот крена тегови тешки 30,8 килограми со нејзините уши и со тоа му го сруши рекордот на Ајрон Квин. Потоа покажа дека има коса како рибарски конец и успеа со неа да подигне 60 кг и го урна рекордот поставен во 2012 кој изнесуваше 53 кг.
За овие два нови светски рекорди таа мораше да ги подигне теговите 10см над земја и да ги истрпи најболните пет секунди. Третиот обид со очите за жал не и успеа поради проблеми со стегачите, а нејзината намера беше да подигне 15 кг.
Тоа не е се од репертоарот на челичната девојка. Таа се пријави и на британското шоу „Јас имам талент“ каде се обиде да ја подигне водителката со уши.
Оваа дисциплина ја нема на Олимписките игри, но ако случајно им текне да ја воведат на летната Олимпијада во Рио де Жанеиро 2016 година, ние типуваме на Аша и нејзините силни сетила.