Од каде па големата четворка на едно место?

Куп спортски настани викендов. Меѓу нив и еден голем тениски турнир кој во историјата само еден човек успеал да го освои 14 пати.

Стартуваше 124. издание на Роланд Гарос закажано за 25 мај - 8 јуни. Со специјална церемонија во чест на најуспешниот тенисер во историјата на овој турнир, Рафаел Надал кој успеа да го освои дури 14 пати.

Шпанскиот ас всушност се збогуваше со навивачите во Париз, а на теренот „Филип Шатрие“ се појавија и неговите најголеми ривали, а истовремено и пријатели, Роџер Федерер, Новак Ѓоковиќ и Енди Мареј.

Големата четворка повторно се собра заедно на едно место и тоа не беше единственото изненадување на организаторите, кои му приредија величествена почест.

На крајот од теренот беше поставена специјална плоча со името на Рафа, отпечаток од ѓонот на неговата патика и реплика од „Купот на мускетарите“, со бројката 14, во чест на неговите титули на францускиот Грен слем.

Надал се расплака и одржа емотивен говор. Ја потсети публиката дека прв пат дошол на Ролан Гарос во 2004 година како повреден тинејџер со патерици, но веќе наредната година, на 18-годишна возраст, ја освоил својата прва титула. 

Им се заблагодари на сите што направиле нешто за него во животот, од семејството, пријателите, тренерите, соработниците, па се до неговите баби кои имаат 94 и 92 години.

Посебно место во неговиот говор имаа ривалствата со Федерер, Ѓоковиќ и Мареј.

„Доживеав многу емоции тука. Ви благодарам на сите од организацијата што ми дадовте можност да се збогувам на најважниот терен во мојата кариера.

Неверојатната приказна започна во 2004 година кога првпат дојдов, едвај можев да одам поради повреда на стапалото, а потоа дојдов на теренот со патерици, надевајќи се дека ќе играм следната година“, се присети Надал.

Првиот натпревар го одиграв против мојот пријател од детството и голем ривал Ришар Гаске. Од тој момент сфатив што значи Ролан Гарос. Сè доживеав во овие 20 години, ги имав најголемите ривали како Енди, Новак и секако Роџер. Ништо не би било исто без тие соперништва, кои нè правеа сите да растеме од ден на ден.

Сè е сосема поинаку кога ќе ја завршиш кариерата, нема повеќе нервоза и други работи. Сите ги остваривме нашите соништа, ги игравме најважните натпревари во нашите кариери, но му покажавме на светот дека можеме да се бориме на убав начин, но и да се почитуваме.

Многу ми значи што сите сте тука, ми зададовте многу проблеми на теренот, но уживав секој ден одејќи до лимитот за да се натпреварувам со вас“, рече Надал. 

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

A post shared by Rafa Nadal (@rafaelnadal)

26 мај 2025 - 12:12