Нико Розберг највисок на подиумот во Австрија

Возачот на Мерцедес, Нико Розберг победи на трката за големата награда на Австрија и ја намали бодовната разлика со Луис Хамилтон во генералниот пласман.

Нико Розберг одлично ја стартуваше денешната трка и веќе на првата кривина го премина Хамилтон кој тргна прв по триумфот во квалификациите. До крајот со маестрална трка, Германецот оствари нова победа во сезоната и дојде на 10 бодови од Британецот.
 
Во еден момент од првиот круг, на трката излезе сигурносното возило поради сударот на Кими Раиконен од Ферари и Фернандо Алонсо од Мекларен кои ја напуштија трката. Во текот на целата трка Хамилтон напаѓаше, се обидуваше да го врати водството, но германскиот пилот успеа да се одбрани и на крајот заслужено да го освои Ред Бул рингот.
 
Второто место му припадна на Хамилтон, а трет беше Фелипе Маса од Вилијамс. Себастијан Фетел од Ферари го освои четвртото место, петтото му припадна на Валтери Ботас од Вилијамс, а шести низ целта мина Нико Хилкенберг од Форс Индија.

Сејфти кар излезе по сударот на Раиконен и Алонсо

Во генералниот пласман, Луис Хамилтон води со 169 бодови, Нико Розберг има 159, а трет е Себастијан Фетел со 120 бодови. Следната трка се вози на 5. јули, на патеката Силверстоун во Велика Британија.
 
Резултати:
1. Нико Розберг (Германија, Мерцедес) 1:30:16.930
2. Луис Хамилтон (В. Мерцедес, Мерцедес) +00:08.800
3. Фелипе Маса (Бразил, Вилијамс) 00:17.573
4. Себастијиан Фетел (Германија, Ферари), 00:18.181
5. Валтери Ботас (Финска, Вилијамс) 00:53.604
6. Нико Хилкенберг (Германија, Форс Индија) 10:04.075
7. Пастор Малдонадо (Венецуела, Лотус) 1 круг
8. Маркс Верстапен (Холандија, Торо Росо) 1 круг
9. Серхио Перез (Мексико, Форс Индија) 1 круг
10. Даниел Рикардо (Австралија, Ред Бул) 1 круг
21 јуни 2015 - 16:22