Во моментов седмиот тенисер во светот изјави дека тој лично инсистирал во АТП Бернардес да не суди кога Надал е на теренот.
„Да, барав од АТП Бернардес веќе да не суди на моите мечеви. Искрено немам ништо против него како личност, не мислам дека лошо ја работи својата работа, но за нашиот однос подобро е да направиме мала пауза и некое време да не се гледаме на теренот“, изјави Надал.
Надал во понеделникот се пласираше во второто коло на Ролан Гарос, а следен противник му е сонародникот Николас Алмагро. Мечот во првото коло, а веројатно и сите останати нема да му ги суди Бернардес, кој со Надал се расправаше и на Мастерсот во Бразил.
„Во Рио де Жанеиро едноставно не ме почитуваше. Четири пати ми досуди дека сум го пречекорил времето, а во еден момент сфатив дека погрешно сум ги облекол шорцевите. Го прашав дали може да добијам 20 секунди да се облечам како треба, ми кажа дека може и после ме предупреди поради времето. Мислам дека тоа не покажува доволно почитување и поради тоа од АТП барав да не го делегира за моите натпревари некое време. Не велам дека веќе никогаш нема да ми суди, туку ни е потребна пауза во овој момент. Ми се допаѓа како личност, немојте погрешно да ме сфатите, но за сега е подобро вака“, констатираше Надал.
Шпанецот на ждрепката беше извлечен во истата колона заедно со носителот Новак Ѓоковиќ, со кој би можел да се судри уште во четврт-финалето.