Стадионот Лужники во Москва е далеку од исполнет за време на Светското првенство во атлетика. Откако организаторите увидоа дека слабо им оди со продажбата на влезници, тие го намалија капацитетот на стадионот од 75.000 на 35.000 и ги спуштија цените, но дури и влезници за околу 100 денари не беа доволен магнет за публика.
Просечната посета во изминативе денови се движи од 25.000 до 30.000 гледачи, а најмногу интерес привлекоа натпреварите во кои учествуваа Јусеин Болт и домашната Јелена Исинбаева, но дури и тогаш се забележуваа премногу празни столчиња помеѓу и онака скратениот капацитет на стадионот.
За да не биде срамот поголем, организаторите се обидоа да ги покријат празните редови со војници.
Меѓународната атлетска федерација ги обвинија домаќините за слабата промоција, а тие се правдаат со топлото време. Разочарани од слабата посетеност се и самите спортисти, а дел од нив изјавија дека празните трибини ги демотивираат пред натпреварите.