Лов на допингувани олимпијци

На Олимписките игри во Лондон се очекува спортистите да срушат многу рекорди, но рекорд ќе сруши и Светската антидопинг агенција (ВАДА).

Рекордни 5.000 спортисти ќе бидат тестирани за допинг на Олимписките игри во Лондон. Тоа значи дека секој втор спортист ќе биде подложен на тест.

Некои спортисти беа тестирани уште за време на подготовките пред да пристигнат во Лондон, дел од нив ќе бидат тестирани на самиот влез во Велика Британија, а некои во своите соби низ олимпиското село. Светската антидопинг агенција (ВАДА) има за цел да ја спроведе најдеталната допинг контрола во историјата на спортот и да ги спречи допингуваните спортисти да се појават на борилиштата.

Оние кои ќе се провлечат низ контролите пред да се натпреваруваат, ќе бидат тестирани по нивниот натпревар. Примерок од урина за допинг тест мора да дадат најдобрите пет пласирани спортисти во секоја дисциплина и уште двајца по случаен избор.

На Олимписките игри во Атина во 2004-та година беа направени 3.600 тестови и беа регистрирани рекордни 26 позитивни спортисти. По четири години во Пекинг беа направени 4.770 тестови, а позитивни беа 14 спортисти, но и 6 коњи.

23 јули 2012 - 21:54