Два од гафовите се поврзани со фудбалските натпревари во женска конкуренција кои се одиграа вчера, а третиот во центарот за водени спортови.
Натпреварот помеѓу женските фудбалски репрезентации на Северна Кореја и Колумбија беше одложен за еден час заради грешно знаме.
И тоа не било кое знаме, туку организаторите ги помешаа знамињата на непријателските Северна и Јужна Кореја. Фудбалерките на Северна Кореја одбиваа да излезат на терен, па по долго убедување и милион извинувања, натпреварот започна со задоцнување од 65 минути.
На овие Олимписки игри домашниот тим е претставуван од Англија, Велс, Шкотска и Северна Ирска, но збунетите Британци уште не можат да запамтат дека Велика Британија не е само Англија.
По победата на женската фудбалска репрезентација на Велика Британија над Нов Зеланд со 1:0, Британскиот олимписки комитет испрати мејл со наслов „Англичанките тргнаа".
Третиот гаф е поврзан со центарот за водени спортови. Организаторите им понудија на 5.000 гледачи да им ги вратат парите затоа што од нивните места нема да можат целосно да ги следат настаните.
Според организаторите, од околу 600 седишта кои се во најгорните редови нема да може да се гледаат скоковите во вода од 10-метарската скокалница. Во овој базен е предвидено да се одржат осум натпревари, па тие треба да им вратат од 30 до 50 фунти на околу 5.000 гледачи.