Британецот Тајсон Фјури е нов светски шампион

Крај на владеењто на Кличко

Тајсон Фјури му ја одзеде круната на светскиот шампион во тешка категорија и до синоќа неприкосновениот боксерски владетел, Владимир Кличко.

Британецот Тајсон Фјури е нов херој на Велика Британија откако се закити со појасот светски првак во тешка категорија. По цели 12 рунди немаше победник, но за време на дуелот беше очигледно дека Тајсон Фјури е тој што боксуваше подобро а на крајот за тоа стигна потврда и од судиите: 115:112, 115:112, 116:111. Тоа беа оцените на судиите кои со едногласна одлука го прогласија Тајсон Фјури за нов светски шампион.
 
27-годишниот Фјури успеа во тоа што никој не го можеше цели 11 години, да го победи големиот Украинец Владимир Кличко. Инаку ова беше 25 победа на Фјури на исто толку мечеви, а дури 18 ги завршил со нокаут.
 
Во Еспирит Арената во Дизелдорф, Фјури започна лошо затоа што се обиде да го испровоцира Кличко со дефанзивна борба но не му успеваше. Сепак, од моментот кога му ја отвори јагодицата на лицето на Кличко веднаш почна да боксува поофанзивно, а Кличко делуваше конфузно иако публиката беше на негова страна.
 
Фјури, кој ја поминал руската школа на бокс и има некои примеси од уличниот бокс, на неколку пати со отворен гард го провоцираше Кличко, а во еден момент ги држеше и рацете зад грбот што публиката го поздрави со големи овации. После првите три рунди се чинеше дека Кличко рутински ќе ја одбрани титулата, но веќе после петтата рунда Британецот задаваше многу повеќе удари и боксуваше мошне офанзивно и агресивно.
 
Владимир Кличко немаше ниту еден пораз од 2004. година и има неверојатна серија од 64 победи од кои 53 со нокаут на 67 порфесионални мечеви. Ова беше 19 пат, Кличко да го брани појасот светски шампион во тешка категорија, но не му појде од рака.
 
Целата борба Владимир Кличко - Тајсон Фјури:

Тајсон Фјури на тој начин го направи еден од најголемите изненадувања во историјата на тешката категорија, прекинувајќи го 9-годишното владеење на помладиот од браќата Кличко. Во договорот кој Кличко и Фјури го потпишаа пред првата борба постои опција за реванш која што Украинецот одлучил да ја искористи, но не се знае каде ќе се игра мечот, дали во Германија или во Велика Британија.

„Ја загубив борбата, но борацот и натаму е во мене. Наскоро ќе се договориме кога и каде ќе биде реваншот, па ќе ве известиме", изјави Кличко веднаш по мечот.

Од друга страна, Фјури истакна дека се сложува со Украинецот за реваншот и дека му се радува.

„Да, сакам предизвици. Сакам да бидам голем шампион и секако дека сакам ова да го направам повторно. Кој знае што ќе донесе реваншот. Можам да кажам само дека ќе биде експлозивен и возбудлив", истакна новиот светски шампион во тешка категорија.

Иако вербално го провоцираше за време на мечот, Фјури нагласи дека има исклучително високо мислење за Кличко.

„Ако би бил само половина добар шампион како Владимир Кличко, ќе бидам многу среќен. Сакаше добра борба, имаше неколку одлични удари, но ова не беше негова вечер. Малку луѓе веруваа во мене, а ние бевме во мисија цели 27 години. Секоја лева и десна кривина која што ја поминав до сега водеа до овој момент и не сакав да ја пропуштам шансава", продолжи Фјури.

Од друга страна, на прашањето зошто толку малку ја користел десната рака, а имал само 18 силни удари за време на целата борба, Кличко изјави:

„Раката не ми е повредена и требаше тоа да го направам, но после ударите со лева рака, немав таква експлозивност каква што сакав. Тајсон беше побрз и не можев да најдам прав одговор.

Постариот од браќата Кличко, Виталиј, поранешен светски шампион во тешка категорија, а денес градоначелник на Киев изјави дека е шокиран од лошиот настап на брат му.

„Знам колку е добар Владимир, но тоа не го покажа против Фјури. Ја знам неговата сила, но не видов ништо од тоа. Можеби имаше само лоша вечер, но сигурен сум дека ќе ја искористи шансата за реванш и ќе се покаже во право светло", додаде постариот Кличко.