Американците за да ја опишат битката за нов претседател на УЕФА би ја искористиле фразата «Too close to call» која што ја користат во неизвесност на политички избори.
Со Партенонот зад нив, на 14. септември, врвот на европскиот (според тоа и светскиот) фудбал ќе излезат на гласање со нивните лажни насмевки едни кон други, сите спремни на секаков исход.
Во Атина ќе се бира ново раководство на бродот УЕФА, но до последен момент нема големи фаворити: Михаел ван Праг и Александар Чеферин ќе се борат до последниот глас.
Да се стане прв човек на европскиот фудбал не е само прашање на престиж. УЕФА е орган кој управува со фудбалот во целост, ги организира најголемите светски турнири, продава телевизиски права, ги бира спонзор партнерите кои можат да се шират од Европа до Азија. УЕФА го контролира секој денар и има голема моќ: Кој ќе го наследи Мишел Платини, избркан од УЕФА по многуте коруптивни скандали ќе има можност да раководи со преку 2 милијарди евра колку што поседува УЕФА годишно.
Битката во Атина требаше да биде меѓу тројца, со присуство на шпанскиот кандидат Виљар, но на една недела пред гласањето тој ја напушти трката:
„И покрај поддршката и охрабрувањето да ја продолжам мојата кампања, по долго размислување одлучив да ја повлечам мојата кандидатура“, изјави Анхел Марија Виљар, претседател на шпанската фудбалска федерација и в.д. претседател на УЕФА по суспензијата на Платини.
Виљар сака да продолжи да диригира со оркестарот во Шпанија, затоа што во Мадрид командува од 1988. година и се смета за важен дел од политиката на „Црвената фурија“. Со него надвор од игра сега сè се измеша.
Први заземаа позиција Англичаните чијшто глас се смета за kiss of death, поради тоа што никогаш не биле на победничката страна во УЕФА: „По повлекувањето на Виљар, со голема почит за квалитетите на Чеферин, одлучивме да го поддржиме ван Праг: станува збор за човек кој го познаваме многу добро и кој работеше со нас на реформите во ФИФА“, напишаа од ФА.
Веднаш се затрча и белгиската федерација која што го даде својот глас на комшијата Холанѓанец. Summa summarum јавно за Словенецот и Холанѓанецот се огласија десетина видни федерации и според последните вести, тасот на вагата превагнува кај Чеферин, иако и двајцата се убедени дека може да освојат минимум 25 гласа.
„Од моите состаноци, верувам дека изборите ќе бидат најтранспарентни досега. Можам да победам“, изјави ван Праг неодамна за Gazzetta dello Sport.
Ван Праг ја знае политиката на фудбалот многу одамна: неговиот татко бил претседател на Ајакс, а самиот Ван Праг беше предводник на клубот кој го победи Милан во финалето на ЛШ во Виена ’95-та година.
Ван Праг е претседател на Холандската фудбалска федерација од 2008. година и сега би сакал да го замени Амстердам со Нион. Кој не му мисли добро, го обвинува дека бил многу врзан со моќниците во минатото, иако во едно мирно време кога немаше сомнежи за тоа што се прави во ФИФА, тој прв го потсети Блатер дека „е моментот да си оди“. Другиот кандидат Александар Чеферин (49), адвокат од малиот словенечки град Гросупље има сè за да биде негов противник. Роден е 20 години после претседателот на Холандската федерација и во време на големи промени, оваа ставка од неговото портфолио може да го одлучи победникот.
„Искрено ми се допаѓа. Добра личност, брилијантен лидер. Го почитувам многу, но сакам да победам“, изјави Холанѓанецот Ван Праг за Чеферин.
Чеферин почнал да влегува во фудбалот во 2005. година, како раководител во Kmnavvoc Svea Lesna Litija, најпознатата футсал екипа во Словенија. Шест години подоцна, пред да наполни 40 години го избраа за претседател на Словенечката фудбалска репрезентација а сега цели кон највисокото. Што се однесува до Јадранската регионална лига, Чеферин изјави дека размислувал за такво нешто но во никој случај таа лига не би требало да ги заменува националните првенства како што е во кошарката, туку да се изнајде систем според кој екипите од регионов кој би испаднале од Европа пред Нова година, во новата година ќе можат да играат во оваа лига и би се бореле за места кои водат повторно во ЛШ или ЛЕ.
Неговата земја е многу мала, па така и федерацијата, но Чеферин успеа да ги убеди Италија, Русија, Франција, Германија, Турција, Република Ирска. За него, очекувано ќе гласа и Македонската фудбалска федерација.
Чеферин има поддршка од околу 30 членки на УЕФА, а претседател ќе стане кандидатот кој ќе добие најмалку 28 од 55 гласови.
Заедничко бреме на двајцата кандидати е тоа што кој и да победи ќе мора да се носи со товарот „корумпирана организација“ кој го остави Le Roy („Кралот“). И покрај одлуката на ТАС (Судот во Лозана), утре во Атина присутен ќе биде и Мишел Платини кој ќе се збогува со УЕФА. Програмите на двајцата кандидати претежно зборуваат за борбата против местењето натпревари, борбата против расизмот, мешањето на политиката во фудбалот, борба против допингот и насилството на стадионите.