Кинезите растурија на првиот ден во Лондон

По првиот натпреварувачки ден на Олимписките игри во Лондон, спортистите од Кина освоија четири златни и два бронзени медали и соборија еден светски рекорд.

На Кинезите им тргна уште утринава кога стрелачката Ји Силинг беше најдобра во дисциплината стрелање со воздушна пушка на 10 метри и го освои првиот златен медал на Олимписките игри.

Првиот светски рекорд го соборија веслачите од Нов Зеланд, Ерик Мареј и Хамиш Бонд. Тие во полуфиналната трка остварија време 6:8.50 минути со што го подобрија светскиот рекорд за цели шест секунди.

Ѕвезда на денот беше пливачката Је Шивен. Со само 16 години таа не само што успеа да го освои златото на трката на 400 метри мешано, туку и го собори светскиот рекорд. Таа исплива за 4:28.43 минути што беше за скоро една секунда од досегашното најдобро време.

Најголемото разочарување го приреди Мајкл Фелпс кој заврши на четвртата позиција на 400 метри мешано. Тоа е само втора олимписка трка во кариерата на Фелпс како тој не освои медал. Првото место му припадна на Рајан Лохте со време 4:05.18 минути, на втората позиција заврши Тијаго Переира од Бразил, а бронзата ја освои Јапонецот Косуке Хагино.

Пливачот Сун Јанг стана олимписки шампион во дисциплината 400 метри слободно со време 3:40.14 минути. Среброто му припадна на Парк Тае-Хван од Јужна Кореја, а бронзата на Питер Вандеркај од САД.

Големо разочарување за домашната публика приредија велосипедистите. Најдобропласиран домашен велосипедист беше Марк Кевендиш на 28-та позиција, а шампионот од Тур де Франс, Бредли Вигис дури 102-ри.

Победник на денешната трка на 250 километри беше Казахстанецот Александар Винокуров, пред Колумбиецот Ригоберт Уран и Александер Кристоф од Норвешка. Тркада ја одбележа и падот на актуелниот олимписки шампион, Фабијан Канчелара кој удри во заштитната ограда. Тој успеа да се врати на трката, но подоцна е префлен во болница.

По првиот натпреварувачки ден на втората позиција по освоени медали е Италија со два златни, два сребрени и еден бронзен медал. Репрезентацијата на Италија го освои златото во екипно стреличарство, а Италијанките доминираа во мечување освојувајќи ги првите три места.

28 јули 2012 - 22:54