
Златните, сребрените и бронзените медали за потребите на ЕМОФ Скопје 2025 се рачно изработени токму во Скопје, од македонската компанија „Пехар Скопје“.
Слоганот на компанијата гласи: „Секогаш во рацете на победниците“.
„Горди сме што „Пехар Скопје“ со својот тим ги изработува официјалните медали за победниците на првиот Европски Младински Олимписки Фестивал што се одржува во Македонија. Привилегија е да се изработува нешто за кое што секој спортист сонува“, вели Панче Сековски, еден од управителите на компанијата.
„Процесот на изработка на медалите за ЕМОФ 2025, траеше приближно 40 дена, секој ден вклучувајќи и викенди. Лиењето се одвива на температура од 460 степени, а целиот процес е внимателно надгледуван од најмалку 15 вработени, додека пак медалите поминуваат низ доработка од 50 раце. Тоа е рачна, тимска, макотрпна и прецизна работа, со вложена љубов во секој детал“.
„Пехар Скопје“ постои повеќе од 30 години и тие стојат зад медалите, пехарите и наградите за многу спортсти манифестации како Скопски маратон, Трчај Бе, Биди Своја, Авицена Лабораторија, Атлетска федерација на МК, Кошаркарска федерација на МК, Ohrid Trail, Semos Education Run, Прв до врв.
Го изработија и првиот олимписки факел направен во Македонија за отворањето на ЕМОФ 2025, наречен „Пламенот на мирот и солидарноста“.
Тој беше пренесуван од олимпискиот теквондист Дејан Ѓоргиевски, кој прв го внесе во арената, а потоа се приклучија Мила Релиќ, Бобан Илиоски, Дивна Пешиќ, Берат Јакупи, Пулексенија Јованоска, а факелот свечено го запали нашиот најуспешен атлетичар, Дарио Ивановски.