Пред шест години официјалниот акаунт на најстариот тениски турнир на светот Вимблдон, објави видео во кое ги прашуваше играчите како јадат јагоди.
Од ова видео се појави едно меме - Федерер, Ѓоковиќ, Шарапова и другите раскажуваа како понекогаш ставаат шеќер или прелив на јагодите, а Енди Мареј ладно рече: „Со прсти“:
Историски гледано, јагоди со крем е симбол на буржоазијата, каков што е и тенисот. Првите записи за овој десерт датираат уште од 1509 година, а историчарите утврдиле дека првпат биле служени на свадбата на кралот Хенрих VIII.
На крајот од XIX век јагодите биле мошне редок продукт и симбол на почетокот на британското лето. Јагодата им била достапна само на богатите и секогаш била дел од трпезата на аристрокатијата.
Првиот Вимблдон се одиграл во далечната 1877-ма година и тогаш јагодата станала дел од овој турнир.
Во 1907-ма година на една собиранка во текот на Вимблдон, шесткратната шампионка Бланш Хилиард се пожалила дека за време на паузата поради дожд изела три порции јагоди, три парчиња торта и седум кришки леб со масло. Само што завршила, судиите ја викнале да го доигра полуфиналето.
Традиционално на Вимблдон јагодите се продаваат со крем или со шеќер, но во '70-те години имало и егзотична варијанта - со црн бибер.
„Многу скандинавци јагоди јаделе со бибер, а не со шеќер“, рекол еднаш кураторот на музејот на Вимблдон Хонор Годфри.
Сега јагоди на менито има помалку, но во 2018-та година на Вимблдон се појавил вегански крем од соја. Така организаторите реагирале на барањата на гледачите кои се почесто избегнувале храна од животинско потекло.
Традиционална порција на Вимблдон е составена од 10 јагоди и од 2010-та година чини 2,5 фунти. Оваа цена никогаш не е сменета, зошто организаторите се трудат јагодките да бидат достапни секому. Но сега после Брегзит постои ризик цената нагло да скокне затоа што е намален увозот на јагоди во Британија за речиси половина.
Во последните 30 години јагодки на Вимблдон доставувала фирмата Hugh Lowe од областа Кент која што се занимава со одгледување на јагоди повеќе од 100 години.
Директорката на компанијата еднаш изјавила дека на Вимблдон сега праќаат само јагоди од прва класа - најкрупни и најсочни. Ги берат во 4 часот наутро, а веќе во 11 часот ги ставаат на продажба.
Во последните неколку години на Вимблдон продавале во просек по 28 тони јагоди или околу пола милион порции. Годинава биле спремни да испорачаат до два милиони јагоди но турнирот се одложи поради глобалната пандемија. Организаторите имале проблем со складирање на јагодите, па проблемот го решиле така што дел пратиле во супермаркети и локални продавници, од 750 килограми направиле џем кој ќе се продава на Вимблдон а останатите јагоди ги пратиле во училиштата и народните кујни.
Покрај тоа, луѓето од Вимблдон решиле да им заблагодарат на британските лекари од Националната здравствена служба па им пратиле 26.000 јагоди.