Интересен бокс меч меѓу 50+ годишниците Тајсон и Рој

Мечот кој требаше да биде ревијален, синоќа во „Стејплс центар“ во Лос Анџелес, поприми размери на мошне сериозен бокс. Немаше победник, мечот заврши со реми 76-76.

Мајк Тајсон конечно се врати во рингот. А после повеќе од деценија се врати и Рој Џонс Џуниор. Боксерите кои заедно имаат 105 години, синоќа боксуваа 8 рунди по 2 минути (наместо 3).

Тајсон (54), како во своите најдобри времиња тргна да замавнува уште од стартот, а Џонс (51) кој носеше жолто-виолетови шорцеви и ракавици со ликот на Коби Брајант во знак на почит за легендарниот кошаркар, уживаше во битката која не изгледаше баш на егзибициона.

ТАЈСОН Е ВО ДОБРА ФОРМА, НО СЕ ЗАБЕЛЕЖУВА ДОЛГОТО ОТСУСТВО, РОЈ ЏОНС ПОДОБРО ГО ЧУВСТВУВАШЕ РИНГОТ

Мајк има 54 години. Не боксувал речиси повеќе од 15 години и само неодамна им се вратил на тренинзите.

Состојбата на Џонс е подобра. Последен пат тој настапуваше во 2018-та а сега има 51 година. Од таа причина не се залетуваа многу туку држеа монотоно темпо.

Можеби најдобар опис на мечот дал некој млад дечко кој го следи на Твитер легендарниот Џорџ Форман:

„Купив пренос (per per view чинеше 50 долари) зошто имам 17 години и никогаш не сум видел борба на Мајк Тајсон во живо. Сега можам да кажам дека го гледав директно во живо на телевизија. Тоа е единствена причина што платив“.

Но малиот видел подобри работи од очекуваното. Реалноста беше подобра зошто за 16 минути бокс не видовме беспомошни и задишани пензионери, туку боксери кои не се плашат да тргнат еден на друг.

„Најдобра егзибицона борба што некогаш сум ја видел“, напиша Форман после мечот. И беше апсолутно во право.

ТАЈСОН И РОЈ ЏОНС БИЛЕ ЗАДОВОЛНИ ОД БОРБАТА, СНУП ДОГ ЈА НАРЕЧЕ ТЕПАЧКА НА СТАРЦИ ВО СЕНДВИЧАРА

Атлетската комисија на државата Калифорнија под чија закрила се организираше мечот прво не сакаше да има судии на овој егзибициски меч, а на крајот сите се договориле да има тројца судии кои не биле професионални: Кристи Мартин, Чед Досон и Вини Пасиенса.

Тројцата биле боксери на времето, Кристи доминирала со женскиот бокс и имала титула WBC и држи светски рекорд во женскиот бокс со 49 победи од кои 31 со нокаут, 7 порази и 3 нерешени.

На крајот од мечот синоќа објавувањето на резултатот беше интересен: ринг-гласникот Мајкл Бафер застана покрај Тајсон и Џонс, ги постави пред голем екран со плакат за нивната борба и изјави дека мечот е завршен нерешено.

Двајцата набрзо дадоа и изјави.

„Не се согласувам со одлуката на судиите. Јас го победив Тајсон. Секако, примав удари од него, особено по телото, но сметам дека бев подобар“, изјави Рој Џонс.

Мајк исто си ја присвојуваше победата но со други зборови.

„Мислам дека го победив Џонс иако прифаќам и нерешено. Зошто? Затоа што ја забавував публиката, гледачите се задоволни од тоа што го видоа“.

Мечот во живо го коментираше раперот Снуп Дог кој ја украде славата на вечерта со неколку интересни коментари. Од Леброн Џејмс до Стивен А. Смит, на социјалните мрежи имаше воодушевување за тоа како добро Снуп го коментирал мечот. Најмногу ги изнасмеал сите со фразата: „Срањево ми изгледа како двајца мои чичковци да се степаат во кафана“.

Во секој случај, на крајот Тајсон и Рој Џонс станаа најголеми борци есенва. Двацата добија WBC појас со назив Black Lives Matter и ќе добијат огромни хонорари (10 милиони долари Мајк, 3 милиони Рој, и тоа без процентот од PPV).

29 ноември 2020 - 11:19