Тој што оди на пливање во Карпош (Борис Трајковски де), ќе забележи дека во истиот базен пливаат деца со или без тренери, потоа рекреативци, од кои дел одат за сончање, а во исто друштво и професионалци.
Меѓу нив е и нашиот најистакнат пливач Евгениј Поп Ацев за кој брат му напиша разочарувачки статус, од оние кои по милионити пат само ја потврдуваат оваа башибозук држава која три децении се однесува аматерски спрема нашите професионални спортисти.
За што се работи? Евгениј е тазе вратен од Италија, каде во местото Капри до Неапол се одржува еден од најпознатите пливачки маратони во светот. Таму се искачи на пиадесталот освојувајќи го третото место.
Пред него завршија италијанските пливачи Андреа Бјанки и Франческо Гетини. Поп Ацев ја стартуваше трката со два бода повеќе од својот најголем конкурент за врвот на генералниот пласман, Едоардо Стокино кој заврши петти.
Тоа значи дека македонскиот пливач сега има 356 бодови кои ги собра на шесте трки од серијата (сите во должина над 15 км) и е број 1 во својата категорија во светска конкуренција.
Најдобрите пласмани на овие трки му беа вторите места на Охридскиот маратон и во Нови, Хрватска. Во Ст.Жан, Канада заврши петти, а во Санте Фе и Росарио (и двете во Аргентина) беше на четврто место.
Но и покрај тоа што Евгениј Поп Ацев е севкупен победник во генералниот пласман на Ултрамаратонско пливање под капата на ФИНА и ова светско достигнување го остварува трет пат во кариерата (претходно 2015-та и 2017-та), добива ваков третман:
Убаво е тоа што добива голема поддршка од пријателите и фановите, но од лајкови и коментари не се живее. Мизеријата со ова наше успешно момче во меѓународни рамки не е од сега.
Лани замина на Европско првенство во Шкотска. Цела година се спремал за на крај на лице место да дознае дека од пливачката федерација на Македонија не го пријавиле. Абе да можеме сами ќе си ги згазиме успешните.
Не е лошо да се чуе неговата и страната на Александар Маленко за овој случај.