Дитер „Диди" Сенфт е сѐ само не обичен германски пензионер. Тој е El Diablo, ѓаволот кој трча по велосипедистите на Тур де Франс и Џиро д'Италија и сопственик на неколку светски рекорди.
Каде и да оди тој го привлекува вниманието на медиумите и останатите гледачи, а токму тоа е и неговата желба. Старецот има огромна желба да биде во центарот на вниманието.
Кога нема велосипедски трки или некако друг настан на кој што тој може да продефилира со неговиот костум, Диди руши светски рекорди. Тој има направено преку 100 модели на велосипеди, вклучувајќи го и најголемиот на светот, а го држи и светскиот рекорд за најголема подвижна гитара.
Препознатлив е по својот ѓаволски костум кој вообичаено е црвен, на Џиро д'Италија е розов, а оваа година во чест на 100. издание на Тур де Франс тој беше облечен во жолто.
Негов заштитен знак е ѓаволската вилушка (трозабец), а овој симбол го црта и на асфалтот на локациите каде што тој трча. На секоја трка со него си носи 50 литри бела боја за цртање по асфалтот, но не е добредојден секаде. За време на една трка во Швајцарија тој бил уапсен заради шкртање на патот.
Диди и самиот бил велосипедист во младоста, а додека живеел во Источна Германија морал самиот да прави антена за да може да го фати преносот од Тур де Франс.
Од 1993-та година редовно ги посетува најголемите трки низ светот, а единствено го пропушти Тур де Франс во 2012-та година заради операција.