Луис Хамилтон во Формула 1 дебитираше во 2007. година и веднаш покажа од што е скроен. Се качи на подиумот на првите 9 трки, победувајќи во Канада и во САД. Отвори голем ривалитет со Фернандо Алонсо, двократниот светски шампион, кој го обвини тимот на Мекларен дека му дава предност на Британецот, со кој се замерија на квалификациите во Унгарија истата 2007. година. Тогаш Алонсо му го блокираше пит-стопот на Хамилтон, кој подоцна бурно реагираше.
Следната година, без Фернандо Алонсо, Луис Хамилтон повторно правеше ремек-дела на патеките и во Бразил возеше за титулата, како претходната година. Одлично ги возеше сите кривини таа година и заслужено ја освои првата титула светски првак на само 23 години. Во следните четири сезони во Мекларен, Хамилтон не го повтори успехот од 2008. и завршуваше како четвртопласиран.
На 28. септември 2012, Луис Хамилтон објави дека го напушта Мекларен, тим за кој возеше уште од дебито и премина во Мерцедес ЏП, со кој потпиша 3-годишен договор вреден 25 милиони евра годишно!
Британецот тргна со полн кофер очекувања, но болидот на Мерцедес не беше доволно конкурентен да се бори со оние на Ред Бул, Лотус и Ферари. 2013-та година, Хамилтон ја заврши на четвртото место, со само една победа во Будимпешта и други три подиуми во сезоната. Работите драстично се изменија во годинава што измина. Power unit-от на Мерцедес направи одличен болид, како измислен за Луис Хамилтон. Британецот лани победи на четири од првите пет трки и летната пауза ја заврши со 11 поени зад клупскиот колега, Нико Розберг.
Пресвртот дојде на патеката во Спа, каде по инцидентот меѓу нив двајца, Хамилтон изби на првото место. По тој настан, Розберг и Хамилтон се замерија и не вредеа сите извинувања на Британецот. Од тој момент започна блесокот на Луис Хамилтон, кој победи на шест од последните седум трки и ја освои својата втора титула, потврдена во Абу Даби. На крајот од сезоната на Ју Тјуб, Хамилтон постави видео во кое се заблагодари на своите навивачи.
Како на професионален, така и на приватен план, Хамилтон ужива во врска со глумицата и пеачка, Никол Шерѕингер. Пилотот на Мерцедес е славен и во Бакингемската Палата, каде Принцот Хари не пропушта да го гледа омилениот спортист. Честитки за втората титула, Хамилтон доби и од Дејвид Камерон, британскиот премиер кој му честиташе преку Твитер.
ЛУИС ХАМИЛТОН
Учинок во Ф1: 2 Светски титули, 148 настапи, 33 победи, 38 пол позиции, 70 подиуми, 20 пати најбрз круг, 22 повлекувања од трката.
Заработка: 87 милиони евра од почетокот на кариерата (19. најдобро платен спортист во 2014. година, пред Алонсо)
Ф1 сезони: 8
Титули: 2
Тимски колеги: 4
Следбеници на ФБ: 2.996.000
Следбеници на Твитер: 2.570.000
Инстаграм: 920.000
ЈуТјуб: 20.000 претплатници.