Во четвртфиналната пресметка на Австралија Опен, жртва на швајцарскиот ас Роже Федерер беше ланскиот освојувач на Вимблдон, Енди Мареј кој загуби со 3.1.
Искусниот Федерер кој лани беше елиминиран на три од вкупно четири Грен Слем турнири конечно се израдува и влезе во завршницата, а тоа го стори со помош на неговиот нов рекет кој одлично му легна на мечот против Мареј.
Тој минатото лето го смени старомодниот мал рекет со поголем, но и по тестирање на новиот и понатаму не можеше да фати ритам и продолжи со лошата серија. Минатиот месец тој го пронашол својот вистински модел со кој тврди дека му се олеснила играта.
„Имав поголема моќ на сервисите со новиот рекет, а мислам дека многу ми помогна и во одбраната. Ми требаат уште натпревари и часови за да се навикнам, но како и да е ова е одличен старт во новата сезона со него", изјави по мечот Федерер.
Тој на неговиот менаџер му нарачал 12 рекети од истиот модел од кои шест завршиле во неговата куќа во близина на Кливленд кои потоа ги пренел во Австралија.
Вистинскиот тест за тенисерот кој падна на шестата позиција на АТП листата е утрешната полуфинална пресметка против моментално најдобриот во светот, Рафаел Надал.
Тоа ќе биде тениска класика или финале пред финалето помеѓу Шпанецот во подем и мотивираниот противник кој конечно најде некоја светла точка по минатогодишната лоша сезона.