Eвропски златен медал во скок во далечина за Андреас Трајковски

На Европското првенство во Силесиа, Полска, нашиот атлетичар Андреас Трајковски, го освои првото место во скок во далечина со скок од 7.73 метри.

Трајковски својот најдобар скок од 7.73 метри, го оствари во вториот обид и со ова прво место освои максимални 15 поени за атлетската репрезентација на Македонија, кои ќе влезат во генералното бодување на сите држави учеснички во оваа дивизија.

Овој скок е за 6 см пократок од националниот рекорд на Андреас кој го постигна на митингот во Грција.

За веб сајтот на Македонскиот Олимписки комитет ќе изјави:

„Многу сум среќен со денешната победа. Ова беше мое прво учество за Македонија на Европското тимско првенство, и имав големи цели за ова првенство. Со скокот од 7.73 метри во раните утрински часови, невообичаено време за натпревар, ми дава голема самодоверба пред следните натпревари, како Државното првенство на Македонија и Балканијадата. Се чувствувам одлично и среќно што ја претставив Македонија во најдобро светло и што донесов успех со освојувањето на првото место во скок во далечина“, изјави нашиот атлетичар за веб сајтот на МОК.

Инаку во дисциплината на 100 метри, Трајковски истрча за време од 10,81 секунди и ја освои петтата позиција.

 

22 јуни 2023 - 09:02