Прогноза на колегите од МТВ

Драган и Тони се едногласни: Ел Класико во Кардиф, Реал - Манчестер во Скопје

Ждребот во Нион денеска ни донесе четвртфинални двојки од ЛШ кои се ултра тешки за прогнозирање. Затоа задачата им ја препуштивме на оние кои се постручни од нас. Драган Николовски и Тони Стојановски ги читаш и мислиш дека се веќе спремни за коментирање уште вечерва. 

Познатото коментаторско дуо од МТВ доби од нас пет директни прашања на тема за која речиси секоја среда ги слушаме како коментираат 90 минути. Но сега не седат еден до друг, не коментираат и не се дополнуваат, туку прогнозираат, анализираат и ни даваат стручни мислења преточени во исцрпни и издржани одговори.

Од четири дуели во Лигата на шампионите за два имаат различен став, а за она што сите сакаме да го дознаеме што ќе биде на 3 јуни или уште повеќе на 8 август, нивното мислење е идентично. Па кој знае можеби желбата ќе им се исполни: Суперкуп на Европа меѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед на арената Филип Втори со коментар на Драган Николовски и Тони Стојановски.

Кои екипи според вас се поблиску до пласман во полуфиналето во ЛШ?

АТЛЕТИКО МАДРИД - ЛЕСТЕР

Драган: „Душекчиите“ го добија џек-потот на ждрепката. Убава е фудбалската романтика во ерата на владеење на „големите’, слатки се чудата коишто се случуваат еднаш на 50 или на 100 години, вреди да се ужива во „бајките“ за малите наспроти големите... Но да не се лажеме, Лестер нема што да бара подалеку од најдобрите осум. Ако сме реални, местото на англискиот првак сезонава дури и не е во ова друштво. Севилја настрада од „нагазната мина“, Атлетико Мадрид и ќе ја „одмазди“ и ќе продолжи понатаму. Се друго би било надвор од фудбалските разум и логика.

Тони: Aтлетико Мадрид важи за фаворит и со оглед на другите двојки, „душекџиите“ се единствениот вистински фаворит во четвртфиналето. Кај Диего Симеоне пристапот не се менува, некои од фудбалерите заминуваат, некои мислат на заминување, но тоа повторно е силен состав којшто може да совлада секого. Лестер не е „загубен“ во ова друштво, но според мене, со Севилја го достигна врвот. Нема лесен ривал во Лигата на шампионите, но со силното темпо на игра, а и со поголемото искуство акумулирано со две неуспешни финалиња во последните три години, очекувам Атлетико да оди во полуфиналето. Лестер ќе се брани и овој пат нема да издржи.

БОРУСИЈА ДОРТМУНД - МОНАКО

Драган: Најмалку 180 минути вистинско уживање со екипите коишто негуваат најдопадлив и најотворен фудбал. Двомеч без изразит фаворит, иако резултатите во домашните првенства за нијанса можеби го прават Монако благ фаворит. Импресивен беше начинот на кој тимот од Кнежевството го мина Манчестер Сити, а одушевувачки стилот со кој сезонава се наметнува на евросцената. Но, смее ли некој да ги отпише „милионерите“? Симпатиите ми се на страната на Борусија, но не сум сигурен дека ќе го мине Монако. Некако, имам поинакво чувство.

Тони: На овој двомеч никој нема да се брани, барем не смислено, подготвувајќи таков план за натпреварот. Борусија игра подобро во Лигата на шампионите отколку во германското првенство, а Монако е успешен на два фронта. Секоја екипа којашто ќе го елиминира Манчестер сити е доволно добра да оди до крајната цел. Сепак, фактот што тимот од Кнежевството се бори и за титула дома, може да биде мала предност за Борусија, којашто за мене е чекор поблиску до наредната натпреварувачка етапа. Тухел и Жардим горе-долу имаат подеднаков квалитет и квантитет на играчкиот кадар и ќе решаваат нијанси. Мала предност би требало да има Борусија токму поради поголемата свежина со којшто ќе влезе во двомечот. Иако напаѓачката моќ им е силна, одбраната над Обамејанг и уништувањето на креацијата на Дортмунд ќе биде основа за Монако. Темпото би требало да биде адут на Борусија којашто мора да биде подготвена на високиот пресинг на Бернардо Силва, Фабињо, Бакајоко, Лемар, Жермен... Затоа за мене ќе биде интересно да се види дали Тухел ќе се реши за тројца во одбрана пред Бурки, за да има седуммина играчи коишто ќе можат да делуваат на средина на теренот.

БАЕРН МИНХЕН - РЕАЛ МАДРИД

Драган: Карло Анчелоти против „својот“ Реал. И клубот и трофејниот тренер се уште се со свежи спомени на славната „La decima“. Сега на спротивставени страни во нова шампионска класика. Голема пречка пред Реал да го продолжи чекорот кон одбрана на титулата. Овој пат ждрепката не ги милуваше „кралевите“. Баерн не ја покори Европа со Пеп Гвардиола. Сега со друг тренерски адут се фокусира на она што последен пат успеа со Јуп Хајнкес во 2013. Во февруари и во март Реал можеби кризираше со формата, баш кога Баерн рапидно ја креваше, но... ова е период на Серхио Рамос !

Тони: Баерн сè уште го боли поразот од 4:0 дома пред три години кога Реал мина во финалето, а мадридскиот тим се сеќава на елиминацијата во 2012-та, исто така, во полуфиналната фаза. Баварците се сигурни во домашниот шампионат, а Реал мора да трча на две трки што за разлика од Монако на пример, не верувам дека ќе биде поголем проблем. Ќе биде жестоко, со силно темпо, многу дуели и многу тактика. Оттука, не верувам дека ќе биде премногу ефикасно, иако двата тима имаат неверојатна голгетерска моќ. За Зидан ќе биде значајно да го има Модриќ во полн капацитет, а во периодот пред средбата Кристијано Роналдо, Бензема и Бејл да одиграат два-три натпревара во континуитет. „Стариот лисец“ се чини полека го наоѓа вистинскиот пристап за Баерн којшто не блескаше на почетокот на сезоната, но како се ближи пролетта, покажува се повеќе од богатиот репертоар. Впрочем, за ова најдобро може да посведочи Арсенал. Сепак, предност изразена во „грамови“ за мене има Реал.

ЈУВЕНТУС - БАРСЕЛОНА

Драган: Берлинското финале во 2015 беше незаборавно. Штета што за една од овие две екипи евросезоната ќе заврши уште на средината на април. Доминацијата на Јувентус можеби го направи здодевно „калчото“, но тоа е сепак единствениот италијански тим којшто може да се носи гради в гради со шпанските фудбалски хегемони. Кога Барселона веќе го направи чудото на 21.век против ПСЖ, нема да запре во мисијата. Можеби ќе и биде најтешко токму во 1/4-финалето, можеби ќе и требаат и 180 минути, па и пенали, но... Ми се чини дека и овој се посовршен Јувентус не може против Барса ниту сега, кога навидум таа почнува да „бледнее“.

Тони: Уште едно големо надмудрување на перфектната одбрана на Бонучи, Кјелини и на Барѕаљи со вонсерискиот напад на Меси, Нејмар и на Суарез. Во финалето во 2015-та во Берлин, Барса беше подобра со 3:1. Сега кај Јуве ги нема Пирло, Погба, Видал, Тевез, Мората. Во средниот ред и во нападот црно-белите се целосно друг тим, но тоа не го спречи Алегри да има одлична сезона. Кедира, Дибала, Куадрадо, Манџукиќ и Игуаин се новиот бран на Јувентус против нестабилната Барселона. Со фудбслкото „чудо над чудата“, Каталонците го совладаа Пари Сен Жермен и со три гола од 88-та минута до крајот на реваншот, обезбедија пласман во двомечот со Јувентус. Тој резултатски подарок сега е отворен пат за Барселона до финалето, но сепак мислам дека Јувентус ќе најде начин да одговори и дека ќе биде полуфиналист, токму поради подобриот баланс на екипата. Без оглед што персонално немаше многу промени, средината на Барса со Иниеста, Ракитиќ и Бускетс не е онаа од финалето во Берлин. Андре Гомеш, Суарез, Туран и другите не можат да го донесат истиот квалитет, па Барса е послаба пред две години. Јувентус изгледа посилен.

Што прогнозирате, кои екипи ќе стигнат до финале и кој ќе го подигне трофејот?

Драган: Имав некое чувство дека Реал и Барселона ќе наидат еден на друг веќе во ова 1/4-финале. Ако веќе сега се избегнаа, нека се разијдат и во ждрепката за 1/2-финалето. Кога веќе шпанските финалиња станаа практика во изминатите години, нека биде оваа сезона посебна и за паметење по две нешта – по „Ел Класико“ во финалето и по тоа конечно еден клуб да биде европски првак двапати по ред, првпат откако постои Лигата на шампионите.

Тони: Умот вели време е за прво финале Реал-Барселона. Вообичаено сакам да играат екипи од различни земји, но „Ел класико“ во Лигата на шампионите би бил вистински спектакл. Срцето вели Борусија Дортмунд против Реал. Јас одамна сум симпатизер на „милионерите“ од Дортмунд коишто освоија европска титула пред точно 20 години со извонредна генерација предводена од Мелер, Замер, Колер, Ридле, Ројтер, Цорк... А најдобрата фудбалска награда за клубот од „Вестфален“ би било да играат со Реал Мадрид. Пред пет години загубија од Баерн, но битка со „кралскиот“ клуб и победа во финалето би била вистинска сласт.

Кое финале би сакале да го гледате/коментирате во Супер Купот на 8 август во Скопје?

Драган: Реал Мадрид-Манчестер Јунајтед. Зарем може да има поголем спектакл од тоа? Двата „мои“ клуба“ еден против друг. Незаборавен настан за којшто вреди да се сонува, а потоа и да се доживее.

Тони: Пак со умот и со срцето, нели? Реал Мадрид – Манчестер јунајтед од причини коишто не треба да се објаснуваат, Реал е најтрофеен во Лигата на шампионите, а со тоа и најсилен и најпознат клуб во светот, а Манчестер е најдоброто коешто може да го понуди УЕФА Европа лигата. За мене прифатлива е и варијантата Борусија Дортмунд – Манчестер јунајтед.

Дали повеќе сакате во Скопје да гостува тим со посилен и попопуларен состав или тим со гласни навивачи како на пример оние на Бешикташ или Борусија Дортмунд?

Драган: Преферирам да уживам во случувањата на теренот. За мене оттаму произлегува вистинското спортско доживување. Сè друго ми е од второстепено значење. Не се возбудувам премногу на навивачките еуфории и на настаните на трибините.

Тони: Борусија може, Бешикташ не. Без оглед кој ќе игра, стадионот ќе биде полн, но ако дојдат Англичаните за Манчестер и Германците за Борусија, мислам дека тоа би било најдобра навивачка опција. Постои и уште една варијанта, УЕФА Европа лигата да ја освои Шалке, па нивната група „Уге“ којашто е збратимена со вардаровите „Комити“ да гостува во Скопје што секако би било навивачки спектакл.

“Ве плаши ли“ евентуално финале Генк – Лестер во Супер Купот?

Драган: Далеку било. Се шегувам. Не ме плаши, оти никогаш нема да се случи.

Тони: Не ме плаши и не верувам во него, иако сè е можно. Но ако веќе имаме ретка моќност да ни гостуваат најголемите, нека дојдат тие, а не оние со реноме од втора или трета класа. Јас имам и поинаков пристап кон „УЕФА Суперкуп 2017“, како настан за којшто е задолжена Македонската радиотелевизија во делот на продукција на телевизискиот сигнал. Тоа е најмасовен и најзначаен проект во којшто во одредени сегменти ќе бидеме вклучени и ние, така што очекувам да имаме исклучително напорно лето. Ако е тоа така, нека биде за Реал, Борусија или за Манчестер!