Дерек Чеге победник на Скопскиот маратон, Ивановски трет

Кениецот Дерек Чеге е победник на 22. издание на Скопскиот Виз Ер маратон. Африканецот ја истрча патеката долга 42,195 километри за 2 часа, 12 минути и 56 секунди што е едно од подобрите времиња во последните неколку години.

Дерик Чеге од Кенија мина прв низ целта, а неговиот сонародник Едвин Кимару Косгеи го освои второто место со време од 2 часа, 13 минути и 21 секунда.

Трет заврши најдобриот македонски маратонец Дарио Ивановски кој го истрча Скопскиот маратон за 2 часа, 13 минути и 49 секунди.

Маратонците од можеби најмаратонската земја на светот, Кенија, имаа доминација и на полумаратонот од 21 километар, во двете конкуренции и во машка и во женска.

Кај дамите на 21 км славеше Валентајн Џебет со време од 1 час, 13 минути и 16 секунди, пред Чарен Чепквони која маратонот по скопските улици на 21 километар го истрча за 1 час, 15 минути и 10 секунди. Трета беше исто нивната сонародничка, Нанси Гитаига со 1 час, 17 минути и 25 секунди.

Кај мажите на 21 километар прв низ финишот помина Кенеди Роно со време од 1 час, 5 минути и 27 секунди, втор беше сјајниот Киптум Кимаијо со 1 час, 6 минути и 12 секунди а трет Џош Куриа со 1 час и 7 минути.

На трката на 5 километри во женска конкуренција првите две места беа за македонските маратонки: Ирма Хајдари која 5 километри истрча за 19 минути и 43 секунди, а втора беше Емили Ивановска со 20 минути и 54 секунди. Трета беше Лана Ивковиќ од Црна Гора со време од 21 минута и 1 секунда.

Кај мажите, победата на 5 километри ја однесе Македонецот Андреј Арсов со време од 16 минути и 29 секунди. Втор на 5 км беше Гилман Јонузи исто од Македонија со 16 минути и 35 секунди а трет Швеѓанецот Фредрик Урборн со време од 16 минути и 44 секунди.

4 октомври 2026 - 23:46