Одиме по ред:
11 јануари
На прес-конференција пред Australian Open, Мареј во солзи објави: „Десниот колк (бедро) ме боли толку ужасно, што не можам мирно ни чорапи да облечам. Поради тоа, најверојатно после Вимблдон скоро ќе ја завршам кариерата“, изјави Шкотланѓанецот и ја изненади светската спортска јавност.
14 јануари
Во првото коло од Australian Open, Енди Мареј во пет сета изгуби од Роберто Баутиста-Агут. После мечот организаторите на турнирот, покажале на голем видео бим едно трогателно видео во кое колегите се простуваат од Мареј и му посакуваат среќна пензија.
После тој напорен меч, Енди изјави: „Сега имам 2 варијанти: или да не играм до Вимблдон или да направам операција со целосна замена на колкот, и можно е, веќе никогаш да не заиграм“.
29 јануари
Некогашниот светски број 1, соопшти дека ќе се подвргне на операција за целосна замена на бедрениот состав. „Се чувствувам малку исплашен, но се надевам дека ова е крајот на моите болки. Сега имам метален колк“, напиша Мареј на Инстаграм и приложи рентген слика.
30 март
Мареј го имал првиот тренинг неколку недели после операцијата. Наскоро објави дека ќе се врати во турот и дека во прво време ќе игра во дубл (во парови).
20 јуни
На турнирот во Лондон, Енди се појави со Фелисиано Лопез и го совладаа првиот пар на светот и идните шампиони на Вимблдон и УС Опен, Хуан Себастијан Кабаљ и Роберт Фара.
12 август
Трикратниот освојувач на Гренд Слем, на Мастерсот во Синсинати се врати во сингл и без никакви шанси изгуби од Французинот Ришар Гаске.
За да ја оствари првата победа во сингл, на Мареј му требало да се спушти подолу, на ниво на Челенџер. На крајот од август, на „Рафа Надал Опен“ турнирот во Мајорка, Шкотланѓанецот го победи Имран Сибија, на голема радост на своите најверни навивачи. Но следниот дуел го изгубил од 240-от рекет на светот Матео Виола.
Првата победа во основниот тур му стигна на крајот од септември, кога во кинескиот Жухај го совлада Тенис Сандгрен.
Тоа беше голема победа на рековалесцентот Енди, но речиси никој не веруваше дека Мареј ќе продолжи во тој ритам, затоа што играше со вештачки колк.
20 октомври
Цели 264 дена после замената на бедрото, Ендри Мареј победи на ATP турнирот во Антверпен. Иако пред него никој и никогаш не се вратил на терен после таква операција.
Британецот во Белгија до финалето се сретна со само еден ривал од Топ-50, а во решавачкиот меч за титулата играше против Стен Вавринка (исто вратен после операција на коленото), но веќе во топ-20 и со четвртфинале на УС Опен зад себе.
Проблемите на Мареј со бедрото се јавиле токму после натпревар против Вавринка во полуфнале на Ролан Гарос 2017 година.
Во свој класичен стил, Енди во Антверпен го изгуби првиот сет, а потоа направи целосен пресврт со неколку брејка во следните два сета за голем триумф. Голема победа после 2 часа и 28 минути тешка борба - 3:6, 6:4, 6:4!
Точно 960 дена после 45-та титула во кариерата која што ја освои на 3 март 2017 година во главниот град на ОАЕ.
Целата историја на Мареј е една голема победа на волјата и духот. Шкотланѓанецот се бореше со десниот колк две години, имаше две операции, направи целосна смена на бедрото и одново стана шампион. Просто нереално.