За љубителите на зимските спортови ништо не може да се спореди со турнејата „Четири скокалници". Ист е случајот и со самите ски скокачи за кои овој трофеј е вреден колку и олимпиското злато или Кристалниот глобус. Можеби и повеќе.
Викендов започна 62-то изнадние на Новогодишната турнеја. Традиционално турнејата започна во германскиот Оберсдорф каде триумфираше Швајцарецот Симон Аман, пред Андерс Бардал од Норвешка, а трета позиција ја поделија Томас Дитхарт од Австрија и Петер Превц од Словенија.
Новата година ќе ја започнеме со скоковите во Гармиш-Партенкирхен, а турнејата завршува во Австрија каде ќе се скока на 4 јануари во Инсбрук, а победникот ќе го добиеме два дена подоцна во Бишосхофен.
Изминатите сезони помина во доминација на Австријците кои ги освоија трофеите во последните пет години.
Најмногу успеси на Новогодишната турнеја има Финецот Јане Ахонен кој е единствен со пет победи (1999, 2003, 2005, 2006 и 2008). Една победа помалку има германскиот ски скокач Јенс Вајсфлог кој славел четири пати (1984, 1985, 1991 и 1996). Свен Ханавалд е единствен кој успеа да победи на сите четири натпревари во 2002-та година.