Некогашниот коментатор на БиБиСи Дејв Ајк

„Церемонијата на отворање на ОИ 2012 во Лондон беше масовен сатанистички обред“

Дејвид Ајк е најпознатиот светски теоретичар на заговори за кој речиси никој не знае дека активно играл фудбал во Ковентри Сити. По завршувањето на професионалната новинарска кариера каде бил многу почитуван, оддеднаш станува предмет на потсмев.

Кога Дејвид Ајк имал 15 години, Ковентри Сити кој тогаш играл во највисокиот ранг на англискиот фудбал, го забележал неговиот талент и го прибрал во младинскиот тим. Поради кариерата морал да го напушти школото, а фудбалот го сметал за една од ретките прилики да излезе од сиромаштијата во која неговото семејство живеело во Лестер.

Но само шест месеци подоцна, докторите откриле дека имал први знаци на ревматичен артритис кој прво го погодил неговото лево колено, а наскоро му дошло и до стопалата.

Не се помирил со дијагнозата и четири години ја криел болката и играл за Ковентри. На крајот дошол момент да избере: или веднаш да го напушти спортот или остатокот од животот да го помине во количка. Имал 19 и одлучил да игра. Преминал во Херефорд Јунајтед каде играл за првиот тим. Атмосферата на стадионите и адреналинот му помагале да заборава на болката, играл добро и не му поставувале многу прашања.

Но издржал само две сезони и на 21 година морал да заврши со фудбалот поради пеколните болки. Следувала депресија од која што брзо излегол и нашол работа како фудбалски репортер за локалниот весник од каде заминува на радио.

Му се отворила шанса да работи во репрезентацијата на Саудиска Арабија, но за два месеци го фатило носталгија по семејството во Англија, се вратил дома и ја продолжил новинарската кариера. Напредувал многу брзо и за неколку години стигнал во БиБиСи каде добил позиција уредник на едно од најпопуларните спортски шоу-емисии во земјата.

За 20-годишна кариера во струката новинар работел повеќе преноси од Олимпијади, од традиционални англиски спортови, куглање, снукер, крикет.

Во детството, многу луѓе во Англија ја читале неговата книга «It's a Tough Game, Son», напишана во 1983. година во која тој ги разочарал сите млади кои сакале да се пробијат во фудбалот. Но неколку децении подоцна, оваа книга почнале да ја читаат и возрасните во потрага за скриената смисла.

Во 1991-ва во интервју за популарното шоу Wogan каде доаѓале сите - од Џорџ Бест и Алекс Фергусон до Мадона, тој се нарекол себеси Божји син.

- Се смеат со вас, дали разбирате?, го прашал водителот Дејвид после гласното смеење на публиката. ’Да, добро - одговорил Ајк кој уште не бил свесен што кажал.

Од тој момент почнала неговата чудна мисија на теоретичар на заговор. Во интервјуто со Тери Воган првпат рекол како „ќе ја излечи Земјата“. Од уважен новинар и политичар (бил дури и портпарол на Британската Партија на Зелените), оддеднаш станал предмет за потсмев. Му се смееле каде и да се појавел. Во последните 25 години Дејвид Ајк почнал да го истражува потеклото на човекот и нашата планета.

ШТО ИСКОПАЛ ДЕЈВИД АЈК?

Според теоретирачот на заговор Дејвид Ајк, на Земјата постои рептилска раса која што наводно управува со милијарди луѓе и е одговорна за генетско модифицирање на човекот. Оваа раса според него по пат на вкрстување на своето ДНК и човековото го контролира светот.

Ајк смета дека претставниците на хибридната раса како што тој ја нарекува го контролира светот преку илуминатите. Главните седишта им биле во Лондон и Париз а претставници им се Буш, Рокфелер, Ротшилд и финансиерот Џорџ Сорос.

Веднаш по церемонијата на отворање на Олимпијадата во Лондон, Ајк изјавил дека сите што ја гледале неколку часа присуствувале на „масовен сатански ритуал за поклонување на ѓаволот“.

Познатите олимписки прстени на самиот крај не ги претставувале петте континенти на земјата, туку прстените на Сатурн, господарот на оганот или Сатаната. За сцената со децата на кои им се читаа страшни приказни пред спиење Ајк прашува: „Деца во болнички кревет а до нив огромендемон - тоа ли е церемонија на отворање на спортска манифестација“?

„Гигантското ѕвоно коешто беше направено специјално за церемонијата на отворање на Олимпијадата беше посебно подесено да диктира фреквенција која што ќе го контролира светот. Олимпискиот стадион исто стратешки се наоѓа на локација со скриен енергетски систем дизајниран да генерира потребна вибрација“, вели Ајк.

ДЕЈВИД АЈК И ФУДБАЛОТ

„Да, навивам за Лестер и тоа е мое хоби“, рекол неодамна Ајк кој навивал за „Лисиците“ уште од детсвото.

Ајк е уште еден во морето „пророци“ кој предвидува крај на светот во 2018-та година. „Ако милиони луѓе не се разбудат сега, никогаш нема да се разбудат. Злобната елита психопати ќе имаат целосна контрола над човештвото со помош на компјутерската технологија“.

Но луѓето и натаму оправдано му се смеат, затоа што тој во 1993 година на конференција рекол дека во 1997 година после серија природни катастрофи ќе дојде апокалипса, но такво нешто не настапи. Во меѓувреме Лос Анџелес ниту станал пуст остров како што тој предвидуал, ниту пак Нов Зеланд веќе не е меѓу нас.

15 декември 2016 - 11:25