ФРАНЦИЈА - ДАНСКА 25-23 (14-10), РАКОМЕТНО ФИНАЛЕ НА ЛОИ ТОКИО 2020
За „триколорите“ ова е трето ракометно злато во историјата на Олимписките игри по оние во 2008 и 2012. Французите најдоа рецепт за неверојатните Данци кои беа актуелни олимписки шампиони а владетели се и на светското злато.
Пред пет години во Рио, исто во финалето на ракометниот турнир играа Франција и Данска, а тогаш Скандинавците беа поуспешни па денес „галските петли“ сервираа неверојатен реванш.
Мечот го судеше македонската судиска двојка Николов-Начевски кои беспрекорно си ја извршија работата.
„Експертите“ во првиот дел одиграа гранитна одбрана и заслужено на паузата отидоа со 14-10.
Очекувано беше Данска да заигра како во текот на целиот турнир каде покажа невозможно добар ракомет. Избраниците на Николај Јакобсен се приближија на само 1 гол негатива на десетина минути пред крајот но брканицата по пресврт како да ги истошти па Франција го искористи падот на Данците во финишот.
Олсен во еден момент намали на 24-23 и гледавме вистинска драма но во игра 7 на 6 Лудовик Фабрегас стави печат на финалето и ново, трето олимписко злато за Франција.
Недим Ремили со пет погодоци беше најефикасен кај Французите. Дика Мем и Уго Дескат постигнаа по три, браќата Карабатиќ по два. Голманот Венсан Жерар запиша дури 13 интервенции.
На другата страна Мика Хансен со девет гола беше најефикасне на мечот, Гидсел постигна шест погодоци, а Ландин блескаше во моментите кога Данска ја намалуваше негативата но не успеа на крајот.
Во дуелот за трето место и бронзен медал, Шпанија го совлада Египет.
ПРВО ОЛИМПИСКО ЗЛАТО ЗА ФРАНЦУСКАТА ОДБОЈКА
Неверојатниот ден за Франција на Олимписките Игри во Токио го надополнија и одбојкарите.
Тие денес со 3:2 (25-23, 25-17, 21-25, 21-25, 15-12) ја совладаа Русија во големото финале кое донесе атомска одбојка.
Ова е прво олимписко злато за француските одбојкари кои се кренаа од пепелот затоа што после три порази на првите три натпревари на турнирот, врзаа дури пет победи и заслужено се на олимпискиот врв.
Селекторот на Франција ја заврши кариерата со златен олимписки медал.
Иако Русија тргна добро и имаше предност, француските одбојкари го кренаа нивото на игра и со побрзо темпо го освоија првиот сет со 25-23.
Уште посилно заиграа „триколорите“ и во вториот и поведоа со 2-0. Но Русија не се предаде и кога сфати дека мора да се оди на се или ништо и да се ризикува во нападот, ги доби следните два сета и израмни на 2-2.
Следуваше решавачки петти сет кој подобро го почна „зборнајата“ но Франција неочекувано силно одговори и во завршницата имаше 2 поени предност па заслужено го затвори финалето со 15-12
Играч на мечот беше Нгатеп кој освои дури еден сет поени, а одличен беше и Русинот Кјука кој парираше со идентичен број поени. Клучно на крајот беше подобриот француски сервис во решавачкиот сет (8-1) и повисокото ниво на концентрација.