Во реприза на финалето од Олимписките игри во Пекинг пред четири години, кошаркарската репрезентација на САД ја победи Шпанија со 107:100.
Борбените Шпанци успеаваа да одолеат се до последната четвртина кога Американците направија предност и ја освоија својата 14-та титула, односно петто злато од последните шест Олимписки игри.
Најефикасен беше Кевин Дурент со 30 поени и 9 скокови, Леброн Џејмс реализираше 19 поени и 9 скокови, а Коби Брајант постигна 17 поени. Во редовите на Шпанија најефикасен беше Пау Гасол со 24 поени, 8 скокови и 7 асистенции.
Бронзениот медал го освои репрезентацијата на Русија по победата над Аргентина со 81:77.
Титулата од минатата Олимпијада ја одбранија и ракометарите на Франција. Швеѓаните водеа во поголемиот дел од првото полувреме, по што Французите направија пресврт и го задржаа водството до самиот крај. Ракометарите на Шведска во финишот се доближија на само еден гол негатива, но тоа беше се што тие сторија.
Ракометната репрезентација на Хрватска го освои бронзениот медал откако на натпреварот за третото место славеа против Унгарија со 33:26.
Одбојкарите на Русија го освоија златото со неверојатен пресврт. Бразилците имаа предност од 2:0 по сетови и 22:19 во третиот сет и веќе почнаа да ја слават победата, но тогаш на сцена стапија Русите и ги освоија трите сета.
Третото место им припадна на одбојкарите од Италија кои ја совладаа Бугарија со 3:1.
Ватерполистите на Хрватска го освоија првиот златен медал откако во финалето беа поуспешни од Италија. Италијаните имаа подобар почеток и поведоа со 0:2, но потоа Хрватите направија пресврт. На три минути до крајот Хрватска имаше огромна предност од 8:4, а во финишот Италија само намали за конечни 8:6.
Во драматична борба за бронзениот медал, Србија ја победи Црна Гора со 12:11.