Репрезентативецот на САД во брзо лизгање, Сајмон Чо е суспендиран на две години откако призна дека му ги оштетил лизгалките на натпреварувачот од Канада на Светското екипно првенство на кратки патеки во Полска во 2011. година.
Меѓународната лизгачка унија соопшти дека суспензијата стапила на сила од 5 октомври минатата година и ќе трае до 4 октомври следната година и на тој начин Чо ќе ги пропушти Зимските Олимписки игри во Сочи во 2014. година.
Чо, кој на претходните ЗОИ во Ванкувер во 2010. година го освои бронзениот медал на штафетата на 5.000 метри, изјавил дека неговиот тренер Чун Џае-су му наредил да ги саботира лизгалките на еден од канадските натпреварувачи.
Тренерот ги негираше обвинувањата, но си поднесе оставка и заработи суспензија од две години.
Канадскиот натпреварувач Оливие Жан заради оштетените лизгалки не можел да настапува на штафетната трка на 5.000 метри на Светското првенство во Полска во 2011. година, па неговата репрезентација заврши на последното место.