Ракометарките на Вардар одиграа перфектни воведни десетина минути и ја воодушевија публиката во полната сала „Борис Трајковски“ со маестрална серија од 6:0.
Гостинките беа шокирани на стартот, немаа лек за Суслина која одлично го чуваше голот, а на спротивната страна Вардарки предводени од Андреа Лекиќ ја полнеа мрежата како на кошаркарски натпревар.
Потоа следуваше страшен пад во играта во нашиот тим. Савехоф ја начна мрежата дури во 10 минута од мечот и од тој момент па се до 16 минута влезе во серија од 5:0. Избраничките на Кастратовиќ влегоа во криза, шутираа од неизградени позиции, но за среќа ја имаа неприкосновената Суслина која во првиот дел одбрани 3 од 4 седмерци.
Нашите ракометарки се мачеа во продолжението во првото полувреме и ниту одблизу не успеаа да го повторат изданието од почетокот на мечот. Во еден момент стигнаа до најмногу +3, но на пауза заминаа со водство од 11:9.
Одличен старт во вториот дел имаа Швеѓанките кои иако влегоа како последно пласирани на овој дуел без големи мотиви, нападнаа со серија од 3:0 за прво водство на мечот од 11:12. Вардарки не излегоа од колосек и вратија на идентичен начин за предност од 14:12.
Важен и клучен момент на мечот беше периодот до 18 минута кога ЖРК Вардар стигна до водство од 19:13, а најзаслужна за тоа беше Ина Суслина која “го покри“ голот и не им дозволи на гостинските да погодат од ниту една позиција.
Составот на Индира Кастратовиќ ја одржуваше комотната предност од +6, но попушти во завршните минути кога Швеѓанките намалија на -4. Најдобрата ракометарка во светот Андреа Лекиќ се погрижи за нови два погодока во последната минута за конечни 24:18.
Маестралната Суслина мечот го заврши со 19 одбрани, а Лекиќ беше најпрецизна со 7 погодоци.
Новата ракометна историја во друштво на најдобрите четири ракометни екипи од Европа, ЖРК Вардар ќе ја испишува во Будимпешта на 3 и 4 мај каде во полуфиналето ќе играат уште и Митлијанд како второпласниран од нашата група, како и екипите на Будуќност и европскиот првак Ѓер од Унгарија.