2020-та не носи големи новитети само во Европското фудбалско првенство, туку и во ракометното. По што се исти? По тоа што за прв пат ќе се одржат во проширен состав од по 24 земји учеснички. За фудбалското се читаме на лето, сега да видиме каква ракометна конзумација ни следува во следниве денови.
Се работи за вкупно 18 дена ракомет кој ќе го организираат Австрија, Норвешка и Шведска, а ќе се игра во периодот од 9 до 26 јануари за прв пат со 24 селекции. Форматот е прост како грав. Поделени се во 6 групи со по 4 репрезентации. По две од секоја група одат понатаму.
Тоа значи дека 12 земји одат во следна фаза каде повторно ќе играат во групи, но поделени во 2 од по 6 учесници. И како што е познато првите две од двете групи одат во полуфинале, а третопласираните ќе се борат за петто место. Нема разигрување за другите места.
Македонија е дел од групата Б заедно со Украина, Чешка и Австрија. Нема многу време за она „Сега важно е да се одмориме“, бидејќи како и секогаш ваквите континентални натпреварувања имаа набиен распоред:
10. јануари: Македонија – Украина 20:30 часот
12. јануари: Чешка – Македонија 16:00 часот
14. јануари: Австрија – Македонија 18:15 часот
Ракометната треска е распрскана во шест градови, а нашиот национален тим натпреварите ги игра во салата Винер Штадтхале во Виена која има капацитет од 12.000 седишта.
Австрија е втор пат организатор на европско во ракомет. Првиот пат го организираше самата во 2010-та година, а го освои Франција која во финалето беше подобра од Хрватска. Македонија не настапи тогаш.
Интересно е што секој кој поседува карта за некој натпревар во Виена истиот ден ќе му служи и како билет за градскиот превоз.
На овој шампионат има три дебитанти. Тоа се Летонија, БиХ и Холандија, а македонската репрезентација го одбележува шестото учество, петто во низа.
Европскиот шампион ќе обезбеди директен пласман на СП 2021 и Летните олимписки игри 2020, а вториот и третиот само пласман на следното светско.
Завесата се крева со натпреварите Белорусија – Србија и Германија – Холандија кои стартуваат денеска во 18:15 часот. Бранител на титулата е Шпанија.