Вардарки го запишаа и 43-от триумф во петтата сезона учество во ЛШ, а петта победа против Турингер.
Почетокот беше резултатски израмнет, Германките се враќаа по секој обид на Вардар да се одлепи па по 10 минути игра беше 6-6. Но од тој момент големиот фаворит на овој меч ги презеде работите во свои раце и со фуриозна серија од 6-0 поведе 6-12.
Оваа серија беше клучна затоа што домаќинот веќе немаше сили да фаќа приклучок. Во 22 минута само привидно се приближија на 10-14 но по тајм-аутот на гостинскиот тренер Вардарки заиграа поцврста одбрана. Високата предност и овозможи на Ирина Дибирова да испроба неколку варијанти во составот, минутажа добија и ракометарките кои претходно играа помалку а денес ја искористија пружената шанса.
На крајот 21-29 за Вардарки кои во следното коло повторно ќе гостуваат, овојпат во Норвешка против Ларвик на 4. ноември. Најефикасни кај „црвено-црните“ беа Радичевиќ со седум гола а по пет постигна Пенезиќ, Лакарбер и Андреа Лекиќ.