Француски Мец е единствената екипа во женскиот ракомет која убедливо ги совладала Вардарки во елитното клупско натпреварување. Од таа причина, девојките кои со максимален учинок и сите бодови влегоа во главната фаза од ЛШ вечерва во Скопје решија да покажат зошто кога се зборува за најголемиот кандидат за тронот, сите покажуваат со прст во нив.
Предводени од Ирина Дибирова (сопруга на Тимур), „црвено-црните“ вечерва го совладаа Мец со 29-23 и направија драстичен чекор кон следната, четвртфинална фаза од Лигата на шампионите. Уште од самиот старт Вардар во „Јане Сандански“ наметна свое темпо и освен воведните 2-2, Мец немаше што да бара во продолжение од мечот.
Како на филмска лента се редеа погодоците на Лекиќ, Цвијиќ, Лазовиќ, Радичевиќ и Пенезиќ. По 12’ минути игра Вардар водеше со 7-3 благодарение на серијата 5-1 а новиот јуриш им донесе убедливи 14-7. Четата на Дибирова немаше намера да стисне на сопирачка па Вардар на паузата отиде со заслужено изборено водство 15-9.
Во вториот дел, очигледно откако сфатија дека нема што да изгубат, гостинките од Мец решија да се надигруваат па во 39’ минута се доближија на 19-16.
За разлика од минатите сезони кога Вардарки панично реагираа додека им се топеше предноста, овојпат возвратија посилно. Лејно имаше две одлични одбрани една по друга а на другиот дел од теренот Лакрабер, Хмирова и Пенезиќ го однесоа македонскиот шампион на 24-16. Се играше 48’ минута. Тогаш Мец како да крена бело знаме, се предаде и Вардар имаше лесна задача мирно да го заврши меот.
Драгана Цвијиќ со седум гола од седум обиди беше прв стрелец во скопскиот состав. Пенезиќ даде шст гола а Лакрабер четири.
Со вечерашните два бода, Вардар остана неприкосновено прв во групата 2 со максимални 10 бода.