Почетното мерење на силите мина израмнето па после десет минути беше 5-5. Гостинките од Германија решија да организираат напади без голман но оваа стратегија цели 7 минути не им донесе гол, а Вардарки поведоа 7-5. Битигхајм на кратко успеа да израмни 7-7 а тогаш Лекиќ ја презеде одговорноста и пред крајот од првиот дел ја „изрешета“ противничката мрежа.
Јованка Радиќевиќ погоди од својата половина за конечни на паузата 13-8.
Во вториот дел, познати по својата упорност, Германките не се предаваа но едноставно немаа доволно капацитет да му се спротивстават на скопскиот тим.
Одбраната на екипата на Ирина Дибирова функционираше одлично а на голот стандардно добрата Лејно не дозволуваше изненадување. На средина од второто полувреме Вардар како да префрли во поголема брзина па отиде на +9 (24-15). Публиката беше задоволна и од погодоците на Сара Ристовска, Саздовска и Керамичиева.
На крајот конечни 30-22 за Вардар. Најефикасна на мечот беше Андреа Лекиќ со осум погодоци, Сара Ристовска даде четири а Цвијиќ и Пенезиќ кои добија помала минутажа запишаа по три гола. Во последното коло ракометарките на Вардар пред четвртфиналето, гостуваат кај Будуќност во Подгорица.