Натпреварите на Мешков Брест и Мотор Запорожје во Лигата на шампионите, одиграни и неодиграни, се регистрирани во корист на нивните ривали.
Како резултат на овој чин на ЕХФ, Вардар ја завршува својата група на 5. место и во осминафиналето ќе се сретне со стариот познаник Веспрем од каде неодамна дојде францускиот тренер Дејвис.
Ракометарите на Вардар првиот меч ќе го играат дома во Скопје на 30 или 31 март, а реваншот ќе биде во Унгарија на 6 или 7 април. Победникот на двомечот ќе оди во четвртфинале.
Македонскиот шампион во среда во рамките од последното, 14. коло игра против норвешки Елверум во натпревар во кој на гостинот ќе му треба триумф за да го сочува последното место кое води во доигрувањето. Исто бодови на 8. место има ППД Загреб кој гостува кај лидерот Алборг исто во среда, но од 18:45.
Веспрем игра сосема солидна сезона во Лигата на шампиони каде на 13. меча има 7 победи 1 нерешена и 5 порази па со 15 бода го држи четвртото место. Во домашното првенство Веспрем растура па на 16 меча има 15 победи и само 1 реми. Сегед е прв со 33 бода во Унгарија (16-1) но има и меч повеќе од директниот ривал за титулата.
Од познатите ракометари во составот на Веспрем се шпанскиот репрезентативец Македа, Французинот Мае, Србинот Петар Ненадиќ кој е прв стрелец на екипата сезонава, Словенецот Маргуч, Данецот Лауге, Хрватот Штрлек, голманот Цупара и други.