Иако резултатот покажува убедлива победа на „црвено-црните“ самиот старт не беше таков. Гостите од Хрватска во првите три-четири минути водеа со 0-3 и 1-4 па Раул Гонзалес викна тајм-аут да ги разбуди своите играчи.
Од тој момент Вардар заигра на препознатливото ниво и фуриозно се одлепуваше на +2 и +3 гола позитива. Чупиќ беше иницијатор на резултатскиот пресврт а нему му се придодаде и вечерва солидниот Арпад Штербик.
Од тој момент следуваа десет минути во кои гостите не можеа да го најдат патот до мрежата на Вардарци па на паузата Раул Гонзалес и неговите избраници однесоа водство од три гола (13-10). Одбраната која што на Вардар му донесе европска титула беше демонстрирана и во вторите 30 минути, а на таа игра гостинскиот тренер Каменица мораше да бара тајм-аут затоа што Скопјани отидоа на високи +6 (16-10).
Загреб првиот гол во вториот дел го прослави дури во 42’ минута а високата предност имаше удел во одлуката на Раул Гонзалес да одмора дел од првотимците па скопската публика можеше на дело да ги види Војводиќ и Ѓорѓески. На крајот конечни 28-21, убедлив триумф на Вардар за кој најголеми заслуги имаат Вуко Борозан и Македа со по четири гола а Чупиќ, Кањељас и Циндриќ запишаа по три.
Вардар по три одиграни средби е лидер со максимални 9 бода. Во следното коло гостуваат во Унгарија, на 7. октомври против ПИК Сегед.