Ракометарите на Флензбург наметнаа брзо и голгетерско темпо на стартот од натпреварот на кој поведоа со 3:1, но тоа беше нивниот максимум. Пред себе имаа доста мотивиран противник кој не им дозволуваше да се одлепат повеќе од +3.
Средината од првиот дел беше само најава за фантастичната и сконцентрирана игра на Вардар кој преку одличниот Карачиќ стигна до првото израмнување 8:8. Од тој момент натпреварот влезе во голема неизвесност и период во кој се играше гол за гол со постојано израмнување на резултатот.
Завршницата од првиот дел целосно му припадна на нашиот тим кој го имаше концентрираниот Ангелов кој беше неприкосновен на голот во текот на целиот меч. Неговите осум интервенции во воведните 30 минути Вардарци ги наградија со првото водство на две минути до крајот со кое заминаа на паузата 13:14.
Составот на Гонзалез одлично го отвори почетокот од вториот дел во кој повторно главни актери на паркетот беа Ангелов и Карачиќ. За кратко време Вардарци направија предност од +2, но потоа следуваше пад во нивната игра и серија на домаќините од 4:0 за предност од 20:17.
Нашите ракометари успеаа да се вратат на -1, но Флензбург почна да игра пожестоко во одбраната и на 7 минути до крајот на мечот стигна до најголема предност од +4. Но Вардар не се предаваше и до последната минута се обидуваше да стигне до што поповолен резултат пред реваншот.
Дибиров до крајот реализираше седмерец, а борбениот Токсиќ ги постави конечните 24:22 за ветувачки резултат пред реваншот во „Борис Трајковски“ каде Вардар ќе брка историски пласман во фанјлфорот.
Најдобар поединец во нашиот табор без конкуренција беше Петар Англелов со одлични 18 одбрани, а голот на Германците 9 пати го торпедираше Игор Карачиќ.