Почетокот на мечот како да најави дека „црвено-црните“ нема да имаат воопшто лесна домашна задача вечерва. Гостинот од Унгарија поведе најпрво со 0-1 па со 1-1, а за позитива на Вардар се чекаше до 6. минута од мечот.
ПИК Сегед во еден момент направи серија од 0:3, но избраниците на Раул Гонзалес не допуштија возот да им побегне уште од стартот па до 15. минута успеаа резултатски да држат рамнотежа. Гостинскиот тренер Пастор во еден момент неочекувани реши во 19. минута наместо Сиера голот да го чува Шего а Вардар тогаш водеше 9:8.
Офанзивата на Скопјани беше на високо ниво, но не и одбраната вечерва во формација 5-1, така што при резултат 11-11 Гонзалес нервозно го стави Милиќ на голот. Резултатската брканица заврши на паузата кога Вардар имаше водство 16-15, благодарение на голот на Лука Циндриќ со звукот на сирената.
Како и во минатото коло, така и вечерва Борозан со гол го отвори второто полувреме и Вардар за првпат на мечот имаше +2, позиција во која ретко се наоѓаше сезонава (17-15). Ротацијата на голот на Вардар вроди со плод кога Милиќ влезе во ритам и им овозможи на соиграчите да ја одржуваат предноста.
На 10. минути до крајот македонскиот шампион имаше 24:22, а наскоро и три гола предност. Но ни тоа не ги поколеба гостите кој брзински се вратија 28-27, а по тајм-аутот на Пастор како да беа решени да одат на триумф.
Во последните минути од мечот Борозан постигна ефектен гол за еуфорија во СЦ „Јане Сандански“, а на другата страна Милиќ бранеше како за двајца голмани. Тоа значеше и конечен триумф на Вардар, четврти сезонава.
Најефикасен играч кај домаќинот беше Тимур Дибиров со осум гола, Лука Циндриќ додаде пет, а Карачиќ четири. Милиќ за 32. минути на голот запиша дури 10 интервенции и со право беше прогласен за играч на мечот. Кај гостите Балог постигна дури девет гола од кои шест од пенал.
По петта победа во Лигата на шампионите, Вардар во следното коло ќе оди во Загреб.