Алекс Душебаев и Игор Карачиќ голгетерски го отворија мечот, а Шпанецот пропушти можност и за уште поубедлива предност откако не успеа да реализира во третиот напад.
Гостите во 11 минута стигнаа до израмнување 4:4, но Лазаров и Стоилов се погрижија одново да се вратиме на +2. Се играше цврст ракомет, со многу претпазливост во одбрана и беше тешко да се направи поголема предност од два гола разлика.
Вардарци направија неколку грешки во напад по што Кјелце притисна и успеа да врзе серија од 3:0 за нивно прво водство на мечот од 8:9 во 20 минута. Последните 10 минути од првиот дел беа потензични, а поради кошкање судијата му даде 2 минути на Токсиќ и на еден уште гостински ракометар.
До паузата Дибиров погоди еден од двата досудени седмерци за Вардар во првото полувреме и Горбок даде два гола од игра за 11:11 во првите 30 неизвесни минути.
Идентично како на стартот од мечот, Вардарци повторно пропуштија да влезат со серија од 3 гола. Горбок и Лазаров донесоа ново водство, но промаши Прибак. Штербик се разбрани во вториот дел и не им дозволи на Пољаците да постигнат погодок во првите 10 минути.
Откако погодија за 13:12 капитенот Лазаров го постигна и својот трет гол на мечот, а потоа асистираше до Стоилов кој лесно го измами чуварот и погоди за прва предност од 3 голови на мечот.
Избраниците на Раул Гонзалес не успеаа да се одлепат резултатски и потоа имаа лоши 6 минути во кои направија две грешки во напад и промашија уште два напади. Кјелце профитираше максимално и со серија од 4:0 стигна до нова предност во 49 минута од 15:16.
Во следните три напади се играше гол за гол. Стоилов погоди во три пати по ред, а првиот гол на средбата го имаше и Брумен. Тимур Дибиров кој немаше свој ден и не реализираше ниту еден гол од игра, направи грешка во додавање на 4 минути до крајот, а контрата на Кјелце им донесе предност од +2.
Полските ракометари имаа напад и за предност од 3 голови предност, но не успеаа да реализираат и конечниот резултат беше 20:22 за Кјелце.
Горбок со 5 и Стоилов и Карачиќ со по 4 погодоци беа најпрецизни кај Вардар, а Штербик го заврши мечот со 13 одбрани.
Реваншот во Полска е закажан за 19 април.