Момците на Парондо му одржаа лекција по ракомет на Загреб и без разлика на промените во играчкиот ростер оваа сезона, им покажаа на Хрватите кој беше скоро европски првак.
Што ли да напише човек после оваа осминафинална пресметка која повеќе од јасно е дека е веќе решена уште на првиот дуел.
Вардар го згази Загреб со конечни 18:27 (+9), а доволно е да ја видите само статитистика од првото полувреме за да сфатите кој беше кој на дуелов.
Во првите 30 минути домаќините се посрамотија со само 6 постигнати голови, а примија 14. Во воведните 7 минути од средбата Вардар водеше 0:3, а сите три гола ги постигна Криштопанс. Летонецот ги исфрустрира домаќините кои никако не можеа да го сопрат и во првите 10 минути имаа три исклучувања.
Вардарци беа надмоќни во секој сегмент од играта и можеа да бидат уште поефикасни во првиот дел ако ракометарите на Загреб не беа толку агресивни во одбрана и не правеа толку многу фаули.
Одбраната беше беспрекорна и домаќините не само што не можеа да најдат пукнатина за шут, туку и кога ќе дојдеа во ситуација за удар, тука беше Дејан Милосављев кој со своите 14 интервенции заслужено го доби признанието за играч на мечот.
Загреб до толку беше немоќен што во периодот од 13-та до 28-ма минута постигна само еден единствен гол. Најтесната разлика до која успеа да стигне беше -5 во вториот дел.
Најпрецизни на мечот беа Криштопанс и Карачиќ со по 5 гола, Мораес постигна 4, а Дисингер 3.
Реваншот во Јане Сандаски се игра на 30 март и доколку не се случи чудо, Вардар во четвртфиналето ќе вкрсти со подобриот од дуелот Пик Сегед - Висла Плоцк.