Ракометарите на Вардар беа подобар противник речиси на целиот натпревар и ја потврдија подобрата форма и квалитет од бранителот на титулата во СЕХА лигата. Неизвесноста на мечот траеше единствено во воведните 12 минути во кои се играше гол за гол, а резултатот беше 4:4.
Избраниците на Раул Гонзалес потоа влегоа во ритам, се разиграа во нападот и направија серија од 6:0 за водство од 10:4. Хрватите успеаа да излезат од шокот и на полувреме намалија на 12:10.
Вардарци одлично го отворија второто полувреме и во воведните 5 минути ја вратија предноста од 6 гола разлика. Загребчани повторно притиснаа и успеаа да фатат резултатски приклучок намалувајќи на 19:17.
Но нашите ракометари не излегоа од ритам, го имаа одличниот Милиќ и направија предност од 22:17 за мирна завршница во која го зголемија водството за убедлив триумф од 30:22.
Најрасположен во нашиот табор беше Игор Карачиќ кој постигна 8 голови, а Страхиња Милиќ го заврши мечот со 13 однрани.
Во неделното финале, Вардар ќе игра со победникот од втората полуфинална средба во која се среќаваат Брест Мешков и Татран Прешов.