Неколку дена пред дуелот Вардар - Веспрем, беше јасно дека гостинот кој потклекна во финалето на ЛШ минатата сезона, овојпат е апсолутен фаворит. Што поради актуелната состојба во Вардар, што поради формата.
Единствена рана надеж на домаќинот беше првичното израмнување 2:2 после што гостите тргнаа по фаворитската патека до крајот. По 10 минути игра од мечот во Скопје, Веспрем водеше 2-8 а на највисоки 7+ гостите избегаа по 16 минути игра.
Српскиот репрезентативец Петар Ненадиќ немилосрдно ја полнеше мрежата на Вардар во првиот дел (9/11 погодоци даде во првите 30 минути) кој заврши 15-22, недостижни +7 за европскиот шампион.
Идентична, ископирана слика и во вторите 30 минути. Веспрем немилосрдно го полнеше голот на Вардар, а домаќинот како едвај да чекаше сирената да огласи крај и да го положи оружјето кое веќе некое време е штуро.
Блескава партија пружи Петар Ненадиќ кој постигна 11 гола од кои 9 во првиот дел. Кај Вардарци единствени расположени за надигрување беа Павел Атман кој го заврши мечот со седум гола и Глеб Калараш кој даде четири.
За напомена е дека Вардар и на овој меч играше без својот најдобар играч, Данаис Криштопанс кој остана на клупата поради повреда.
Ова е петти вкупно пораз на Вардар во Лига на шампиони сезонава, а европскиот првак има 4 победи и 1 реми. Со ваков учинок, од 6. место во групата Скопјани одат на зимска пауза каде треба да има сериозна анализа на (не)сработеното.
Следува Европското првенство во јануари, а Лигата на шампиони продолжува во месец февруари кога Вардар го чекаат четири преостанати дуели. Вардар има 9 бода а пред него се Порто кој има 10, Монпелје 11, Кјелце 12, Веспрем 14 и првопласираниот германски Кил со 16 освоени бодови.
Следниот меч Вардар го игра на 5 февруари кај фаворитот за европска круна Кил.