Тоскиќ: Раул е феномен, Вардар ќе стане Европски првак

Црвено - црниот дрес го облече во 2013-та и жали што годинава ќе мора да го соблече. Посакува тоа да се случи во Келн, можност која е свесен дека веројатно нема да му се повтори. Најголемото богаство според него во Вардар е Раул Гонзалес.

Алем Тоскиќ кој беше творец на победата против Висла Плог на 26 март, со своите 34 години игра најзрело од кога и да е, а на пикерската позиција Вардар ќе загуби без него. Српскиот репрезентативец ги објаснува причините за враќањето во Словенија каде претходно играше 6 години, за убавите спомени од Вардар, за слабата точка на тимот, а упатува и огромни пофалби за работата на шпанскиот стратег.

Натпреварите со Веспрем ќе бидат последната шанса да играш на Ф4 во Келн?

Тоа е мојата голема желба. Преку шеги со соиграчите им зборувам дека тоа е начинот на кој сакам да се збогувам од Вардар. Ако веќе мора, нека биде тоа во Келн. Ќе биде многу тешко, но сè е отворено. Веспрем е благ фаворит во двомечот, но не можевме да бираме. Реален сум и знам дека во иднина ќе биде многу тешко да се постигне таков резултат без разлика кој дрес ќе го носам.

Според мислењето на многумина ја играш најдобрата сезона во кариерата. Дали некогаш си бил подобар?

Можеби не. Во Скопје се снајдов многу добро и ми одговара системот кој го прави Раул Гонзалес. Добро работиме и тренираме и знаеме што треба да работиме. Пресреќен сум во кој правец оди сè.

Семејните причини се пресудни да се вратиш во Словенија. Дали од спортски причини ти е жал да ја напуштиш оваа приказна која е многу поамбициозна од онаа во Велење?

Секако. На почетокот од оваа година морав да средам некои работи. Семејството во овој момент ми е број 1. Морав да одам блиску до дома. Се обидував да ги префрлам во Скопје на сите можни начини, но едноставно не можеше. Морав да го направам тој чекор да се вратам дома и да одам во Горење. Жал ми е малку на тој спортски план. Вардар ќе биде, оваа или некоја друга сезона на кровот на Европа. Се работи за многу амбициозен клуб, но јас донесов одлука и немам што да жалам. Одам во Горење кој е исто така амбициозен клуб. Пред мене имам нов предизвик и не погрешив.

Сите го фалат Раул Гонзалес, што имаш да кажеш за него?

За него не треба да се трошат зборови. Човекот е врвен тренер, професионалец, 24 часа во ракометот. Знае сè живо, упатен е максимално и знае за можностите на секој играч. Подготовките на натпреварите се одлични, тренинзите исто така. Според мене најголемиот квалитет и најголемото богатство на Вардар е Раул Гонзалес. Можам само да потврдам колку го сакаат луѓето. Човекот е феномен. Го подигнува квалитетот секоја година и вади нови играчи. Не донесе во фаза да играме против квалитетни екипи, кои против нас не се фаворити.

Иако често пати домашната јавност претерува и очекува чуда од Вардар, имате доста ограничувања, на пример немате шутер во однос на топ екипите.

Кога ќе го погледнете нашиот состав, тој е лимитиран со некои работи во однос на најголемите ривали. Освен Горбок кој може да шутне, немаме прав шутер. Го имавме Деревен кој се повреди на почетокот на сезоната. Тој минус го надокнадуваме на друг начин. Погледнете го Веспрем во одбрана 6:0 во однос на нашата од 190см и нешто. Единствен кој се издвојува со висина е Илија Абутовиќ, но Раул не донесе до стадиум да можеме да функционираме. Сите се прашуваат како, но тој нас не вклопи и без висина тоа изгледа перфектно.

По што ќе го паметиш Скопје?

Имав убави моменти во Скопје. Од самиот почеток, формирањето на овој Вардар со силни спонзори, до сите натпревари, преминувањето на новата сала, убавите резултати, моите добри партии. Сигурно дека Вардар како клуб и Скопје како град нема да ги заборавам. Не се каам што се враќам дома, но Скопје никогаш нема да го заборавам. Ќе го паметам само по убаво, а уште и ако ми се оствари сонот да одиме во Келн, сето тоа би заземало едно големо место во моето срце. 

balkan-handball

6 април 2016 - 13:50