Толку од моќниот ЖРК Вардар, ѕвездите дефинитивно си заминуваат

По неодамнешните најави на некои медиуми, стигна и официјална потврда од клубот. Најдобрите ракометарки на Вардар ја играат последната сезона во Јане Сандански. Тимот ќе го менува ликот.

Информацијата за заминувањето на клучните ракометарки на ЖРК Вардар и носители на играта ја потврди претседателката на клубот Гордана Нацева на денешната прес конференција во пресрет на мечот кој им престои во ЛШ.
 
Нацева не спомена имиња, но рече дека планот им е од есен да се појават со нов состав кој ќе се базира на млади ракометарки од нивната школа. Тоа подразбира дека годинава збогум на Скопје ќе му кажат Лекиќ, Радичевиќ, Лејно, Пенезиќ, Цвијиќ...
„Прво нешто што сакам да кажам е дека клубот останува максимално фокусиран на главната цел е тоа е трофеј во ЛШ. Клубот наредната сезона ќе настапува со играчи од сопствениот погон, млади ракометарки кои произлегуваат од вардаровата школа. Планираме со нив да се работи на долги патеки, да им се наметне амбицијата за да може да станат дел од македонската репрезентација за 2022 година за ЕП. Се водевме според професионалното, на ракометарките со време им соопштивме да си бараат нови клубови. На многу од нив им завршуваат и договорите со нас. И покрај сите промени, иднината на клубот не е доведена под знак прашалник. Сите ќе го имаат истиот третман како и претходниците“ рече Нацева.
За сега е непознато дали ќе си заминат сите или само дел од странските ракометарки и останува да се види колку ракометарки од школата на Вардар ќе добијат шанса во првиот тим.
 
На сајтот на клубот во моментов има шестмина Македонки.
 
Тоа се: Сара Ристовска (1996) - десно крило, Јована Мицевска (2000) - голман, Мирјета Бајрамовска (1984) - лев бек, Теодора Керамичиева (1996) - лев бек, Леонида Гичевска (1998) - лев бек, Јована Саздовска (1993) - лево крило.
 
ЖРК Вардар во сабота го пречекува Будуќност во рамките на 7. коло од ЛШ и е единствениот тим без пораз сезонава во елитата. Оваа сеона бркаат петти пласман во низа во Ф4, каде главната цел е освојувањето на титулата.
8 февруари 2018 - 15:25