Тежок залак за Македонија на Европско, меѓу противниците ја има Данска

Македонската ракометна репрезентација на денешната ждрепка во Хернинг, Данска ги дозна противниците на ЕП, кое ќе се одржи во јануари 2026 година во Шведска, Данска и Норвешка.

Македонија се падна во групата Б каде што во Хернинг ќе се соочи против селекциите на Данска, Португалија и Романија.

Данска важи за една од најмоќните репрезентации во светот, која на четири Мундијали по ред е на тронот.

Со Португалија која ни се падна од вториот шешир, имаме натпревари, но за сега ниту една победа. Романците се наш стар познаник и селекција со која можеме да се носиме рамноправно.

Македонија своите натпревари ќе ги игра на 16, 18 и 20 јануари во салата „Јуске Банк Боксен“ во Хернинг.

Отвораме против Данска, во второ коло играме со Романија и на крај против Португалија.

Во втората групна фаза одат првите две од секоја група и таа ќе се игра во Малме.

Бранител на тронот е Франција која во последното финале ја совлада Данска, а третопласирана беше Шведска.

Нашиот национален тим го продолжи континуитетот и се пласира на 15-то големо натпреварување во низа или вкупно 18-то.