Вардарци одиграа прво одлично и второ катастрофално полувреме, а лошиот старт од вториот дел во кој постигнаа само еден гол во стартните 10 минути, придонесе да доживеат тежок пораз со кој си ги смалија шансите за освојувањето на петтото место пред нокаут фазата.
Веројатно своето си го направи и малата ротација која ја има Стевче Алушевски. Во Португалија го немаше повредениот Дисингер, а за Криштопанс и Атман веќе е познато дека си заминаа поради финансиските проблеми.
Младиот Кизиќ одлично бранеше и го одржуваше нашиот претставник во игра во првото полувреме кое Вардар го доби со 11:10.
Во второ полувреме домаќините целосно доминираа, направија серија од 6:0, а Вардарци толку беа немоќни што имаа 16 загубени топки.
Данил Шишкарев беше единствениот константно добар со 7 гола од девет обиди. По три гола постигнаа Дибиров, Скубе и Калараш.
Во последно коло Вардар го пречекува Монпеље на 29 февруари, но и да победи тоа нема да биде доволно за освојување на петта позиција. Потребно ќе биде и Порто да загуби на гости од Мешков Брест.