До пред само две недели се беше како бајка. Ракометарките на Вардар редеа победи, си поигруваа со противничките и веќе го заокружија пласманот во следната фаза. Но по поразот од Будуќност во Скопје, Вардарки одново беа приземјени, овојпат од францускиот Мец кој сега е близу до историски пласман во четвртфиналето.
Од друга страна Вардар после овој пораз во 5. коло ќе мора да оди по потешкиот пат за да стигне до лидерската позиција. Освен стартот кога Вардар имаше водство од 3:6, 4:7 и 5:8 сè друго е за заборав.
Тренерот на Французинките Мајонад свика тајм-аут после што Мец прави пеколна серија од 5:0 за водство од 10:8 и најава за она што ќе следува. Со погодокот на Хорачек, Мец во 27 минута поведе 18:13 и веќе тогаш беше јасно дека Вардарки го загубија компасот на гостувањето денеска. На полувремето се замина со достижни 19:!6.
Вториот дел започна очајно за нашиот шампион затоа што Мец погодуваше буквално од секоја позиција па залудно на голот се менуваа Суслина, Песоа и Лејно. Од водство 23:19, Мец замина и на 27:19 и колата отиде низ ридот. На пет минути пред крајот со голот на Ана Грос Мец имаше +12 а конечниот 42:28 на крајот ги постави Смитс. Дебакл каков што Вардар не доживеал речиси никогаш во Европа.
Најефикасна во тимот на Давид Дејвис беше Андреа Пенезиќ со 10 гола, а кај домаќинките Ана Грос даде 12. Вардар во последното коло ќе игра против германскиот Турингер дома во Скопје, но за да се врати на првото место ќе мора да се надева и на триумф на Будуќност во Будимпешта кај ФТЦ Ференцварош.