По триумфот од пет гола разлика пред три дена во Борис Трајковски, Македонија се соочи со минимален пораз од Исланд во четвртото квалификациско коло за Европското првенство кое следната година се игра во Хрватска.
Мечот почна одлично во корист на нашиот национален тим кој одигра на потребното ниво некаде околу 40 минути, а Борко Ристовски уште на стартот спречи водство за домаќинот откако на Сигурдсон му одбрани пенал. Македонија отвори со водство и за брзо време стигнаа до +2.
Предноста од три гола на паметен начин ја направи Манасков кој начека празен гол и без размислувања погоди од своја половина.
Нападот функционираше организирано со разновидна игра, а најмногу муниција во првиот дел имаа Столе Стоилов 5/5 и Кире Лазаров 4/5. Доминацијата на нашите ракометари заврши во 17 минута кога Исланд за 6 минути направи серија од 6:1 и поведе +3.
Следуваше застој во играта, а шутот не му одеше на Филип Талески кој имаше три неуспешни обиди. Избраниците на Раул Гонзалес го вратија мечот во егал, а првото израмнување го направи Филип Лазаров кој влезе од клупа и го постигна првиот гол на овие квалификации. Последните минути од првото полувреме се играше гол за гол за 16:16 на паузата.
Македонија во второто полувреме покажа едно друго лице и тоа уште од воведните минути кога набрзина прими два гола. Исланд го презеде водството и не го испушти во текот на целиот меч, не дека тоа беше високо, но се покажа како недостижно.
Рибарите имаа највисоки +4 во 52 минута и во тие моменти на терен беше со четворица ракометари откако Стоилов и Миркуловски беа исклучени по две минути. Македонија собра сили на 5 минути да се врати на негатива од -2, но малку ракометари имаа добар голгетерски учинок и пресвртот изгледа далеку.
За разлика од претходниот дуел кога Талески имаше 5/5, сега не успеа да реализира ниту еден погодок од исто толку обиди, а првиот гол Гоце Георгиевски го даде на 2 минути до крајот.
На 30 секунди до истекот на регуларните 60 минути Лазаров по една индивидуална акција испали проектил за -1 по што Исланд свика тајм аут по кој успеа да го истроши нападот за конечна победа од 30:29.
Капитенот Лазаров го заврши мечот со 8, Манасков со 6, а Стоилов и Миркуловски запишаа по 5 погодоци. Ристовски одигра уште една одлична партија која ја зачини со 15 интервенции.