Двата тима кои играа одличен ракомет во првата рунда од Лигата на шампионите и покажаа сериозни амбиции да станат 26. шампион на Европа вечерва се судрија во салата „Морача“ во Подгорица.
Вардарки против Црногорките се сретнаа три пати на фајнл-форот во Будимпешта, а Будуќност славеше во полуфиналните средби 2014. и 2015 а лани Вардар триумфираше во дуелот за 3. место. Истите екипи играа и пред 16 дена во Регионалната лига кога Будуќност победи со 30-29.
Вечерва, „црвено-црните“ конечно успеаа да им го земат скалпот на Црногорките и да освојат исклучително важни бодови за првото место од главната фаза.
Во преполната сала „Морача“ каде Будуќност нема пораз повеќе од три години почетните минути донесоа израмнет ракомет. Скопјанки први се одлепија на огромни +5 (5-10) на средината од првиот дел.
Но домашниот тренер Драган Аџиќ тогаш викна тајм-аут и како да ги подразбуди заспаните шампионки на Црна Гора. Од тој момент девојките во сино направија серија од 4-0 а во 19. минута се вратија на 9-10.
Офанзивата на Вардар не мируваше и со силни удари торпеда праќаа Сања Дамјановиќ и Александра Лакрабер за нов бег на Вардар од 12-15. Кај Будуќност најактивна во првиот дел беше најдобрата романска ракометарка Кристина Неагу која што го одржуваше својот тим во гира.
На полувремето се замина со 16-16.
Вториот дел подобро му тргна на домаќинот кој направи брза серија од 4-1 и водеше со 20-17. Французинот на клупата на Вардар Дејвис менуваше и на крајот успеа да ја погоди правата постава. Вардарки во завршните пет минути од мечот направија резултатска позитива од 3 гола и ја сочуваа до крај 28-31.
Најзаслужна за најголемиот триумф сезонава на Вардар беше Пенезиќ со осум гола, Лекиќ запиша седум а Александра Лакрабер пет погодоци. Кај Црногорките Кристина Неагу даде дури 10 гола од кои 8 во првото полувреме.
Будуќност - Вардар 28-31 (16-16)
Будуќност: Ујкиќ, Неагу 10, Јауковиќ 2, Плетикосиќ, Зокби де Паула, Аговиќ, Цвијиќ 3, Ирман 4, Премовиќ, Булатовиќ 1, Батиновиќ, Павичевиќ, Рамусовиќ, Ахрук 3, Лазовиќ 1, Грбиќ 4.
Вардар: Лејно, Песоа, Радичевиќ 3, Кликовац, Херем 3, Мавсар 1, Дамњановиќ 1, Лазовиќ 1, Алтхаус, Илина, Пенезиќ 8, Човиќ 2, Лакрабер 5, Хмирова, Лекиќ 7, Ристовска.
Во следното коло Вардар на 4. февруари го пречекува францускиот Мец во Скопје.