Овој Вардар дефинитивно не знае за граници. ЕХФ не го ставаа ниту во топ 10 пред стартот на сезоната, за Ф4 па да не правиме муабет, заминаа во Келн без никаков притисок и очекувања, но успеаа да ја урнат големата Барселона и тоа повторно како во полуфиналето пред две години
Ова што го направија е лудо и неверојатно бидејќи ретко кој го очекуваше. Барселона влезе во овој дуел со скор од 13 победи и 2 нерешени, но што фајде од таа статистика, кога чудата во Келн ги прави Вардар и никој друг.
Барселона влезе во ова полуфинале како апсолутен фаворит поради повеќе причини. Има поголем фонд на играчи, страшна форма, доминантна игра со која два пати ги совлада Црвено - црните во групната фаза, но ништо од тоа не им помогна.
Пресуди балканскот, македонскиот или вардаровиот инает, како сакате, а пред сè срцето со кое играа цела сезона и покрај тоа што Парондо призна дека 9 месеци не земале плата.
Каталонскиот состав тргна моќно и убедливо на овој дуел и наметна брзо темпо кое на Вардар не му одговараше. На полувреме имаше водство од 16:9 кое им ветуваше пласман во финале.
Но бродот на средина од вториот дел почна да им тоне. Губеа топки, правеа грешки и едноставно делуваа загубени, а не умеаа ниту да му го најдат лекот на феноменалниот Милосављев кој личеше на Арпад Штербик. Само во прво полувреме блесна со 12 интервенции, а на крај собра вкупно 18.
Внимавајте на овој податок: Во 46 минута резултатот беше 25:19, а на крај 27:29. Јунаците на Парондо направија неверојатна серија од 10:2 и обезбедија финале пртив Веспрем.