Вардарци обезбедија многу значајна предност пред реваншот против унгарскиот првак која му дава за право да се надева на нов пласман во друштво на најдобрите 4 екипи од континентот.
Иако фаворитската улога ја имаа гостите, сепак Вардар одново покажа кој е газда во Скопје и успеа да го декласира тешкиот противник со 31:23.
Само првото полувреме се покажа дека ова ќе биде тешка и незвесна битка која резултираше со предност на Вардар од +2 (14:12). Се играше агресивен ракомет на двете страни со многу надмудрување и долги напади, но Вардар беше помотивиран и во еден момент имаше +5.
Криштопанс, Карачиќ, Скубе и Дибиров заедно со одбраните на Милосављев и поддршката од полната сала како ветер во грб беа носители на играта. По рамноправната игра овие момци беа најзаслужни за серијата од 5:1 и водството од 8:4, 9:5, па 11:6.
Унгарците не се предаваа лесно, но си имаа работа со многу мотивиран, инспириран, а веројатно и лут Вардар кој во второто полувреме беше незадржлив. Иако беа ослабени без повредениот Дисингер, заминатиот Борозан и тазе повратникот по долга пауза Горбок, тоа не се почувствува на терен.
Вардарци беа максимално фокусирани и посветени да се вратат во Келн и кога земаа залет во последните десетина минути од мечот, ракометарите на Пик Сегед само вадеа топки од мрежа.
Во 50 минута беше 24:21, но потоа следуваше феноменална серија од 5:0 со која го торпедираа противникот. Малку беа шокирани гостите на крајот, па уште примија гол и во последните секунди. Проектил на Криштопанс.
Токму Летонецот заедно со Карачиќ беа најдобри на мечот со по 8 гола, Скубе пстигна 6, а Милосављев бранеше одлично и оствари 10 интервенции.
Реваншот во Унгарија е на 5 мај.